Протест во Белград за поддршка на Русија: „Путин е најсилен и најхрабар државник на светот!“

Фото: N1

Стотици Срби вечерва се собраа во центарот на Белград во знак на „поддршка за рускиот народ“ во инвазијата на Русија на Украина.

Собирот беше организиран од повеќе десничарски организации, како „Народна патрола“, „Образ“ и слични, под слоганот „Русија и Србија се вечни браќа“. Причината за собирот, според организаторите, е „огромната медиумска хајка на западните медиуми кои со денови ја напаѓаат Русија и рускиот народ“, како и да се изврши притисок врз „режимот во Србија“ за да не воведува санкции кон Русија, пренесе дописникот на МИА од Белград.

Како што пренесува „N1“, протестот започнал кај споменикот на Царот Николај Романов со интонирање на српската и руската химна. Учесниците, носејќи руски и српски знамиња, скандирале „Србија, Русија не ни треба (Европска) Унија“, „Србите и Русите се браќа засекогаш“„Предавство, предавство“, „Вучиќ Шиптару, ја предаде Србија“ и други.

Како што може да се види од снимките и фотографиите, покрај знамиња, учесниците на протестот носеле и зелени табли со бел симбол „Z“, каков што носат руските тенкови и другите воени возила во инвазијата на Украина (и кој полека но сигурно влегува во историјата како синоним за теророт на војната што го доживуваат Украинците). На некои од фотографиите се забележуваат дури и крстови со распетието на Исус.

Прочитајте и:  Подољак: Украина ќе престане да испорачува руска нафта и гас во Европа
Фото: Инстаграм

Во рамки на протестот, на учесниците им се обратиле претставници на десничарските организации – Дамњан Кнежевиќ од „Народна патрола“ и Младен Обрадовиќ од „Образ“, заканувајќи се дека ако Србија воведе санкции по изборите, на улица ќе излезат дупло повеќе луѓе, а власта „ќе си ги скрши забите“.

Кнежевиќ, пак, испратил порака до CNN, BBC и РТС дека „русофобијата во Србија е статистичка грешка“ и дека „на секој Србин, Русинот му е брат“.

Обрадовиќ, пак, порачал дека „Русија го ослободува целиот свет од НАТО заканата“, како и дека „Путин покажал кој е најсилен и најхрабар државник на светот“.

Протестот завршил со марш за поддршка до руската амбада.

- Реклама -