Просечен Швајцарец „тежи“ половина милион долари

v239134[1]

Во ниту една друга земја на светот луѓето не се богати како во Швајцарија. Во моментов, секој возрасен швајцарски државјанин има во просек по 561.900 долари (524.600 евра) имот. По Швајцарците следуваат граѓаните на Австралија (376.000 долари), па САД (345.000$) и Норвешка (312.000$).

Ова се заклучоци од извештајот на Credit Suisse Research Institut – „Global Wealth Report“. Според него, од финансиската криза во 2008, приватниот имот на возрасните Швајцарци, изразен во долари, пораснал за 5.3 проценти годишно. Во истиот временски период, глобалното богатство пораснало за само 2.1 проценти годишно.

Апресијацијата (зголемување на вредноста на валутата на една земја) на франкот во однос на доларот е главна причина за порастот на имотот во Швајцарија. Така, изразено во швајцарски франци, богатството на Швајцарците е зголемено за „само“ 4.1 проценти. Просечниот раст на глобалниот имот, изразен во локални валути, од 2008 па наваму изнесува 3.7 проценти годишно.

Тоа значи дека богатите Швајцарци добро профитирале од финансиската криза, како и дека имаат корист од опоравувањето на пазарот на капитал.

Во просек, Швајцарците инвестирале по 55 проценти од своите средства во финансии, во акции или обврзници. Тоа е повеќе отколку во многу други земји.

Во моментов, имотот на поединците во Швајцарија е пораснат на 3.5 милијарди долари, што е 1.4 отсто од глобалното приватно богатство. Меѓутоа, Швајцарија сочинува само 0.1 проценти од светската популација.

„Швајцарците се единаесет пати побогати од светскиот просек“, вели Лусија Валднер, раководител на Credit Suisse Research Instituta.

Според авторите на студијата, тој тренд ќе се засилува и во иднина. Тие очекуваат дека до 2020-та година, просечниот имот на секој Швајцарец ќе се зголеми на 606.000 долари (за околу 80.000 долари годишно).

 

- Реклама -