Богатите индонезиски домаќинства се познати по тоа што трошат многу пари на луксуз, мода и третмани за убавина. Тоа „многу“ е околу 500 милијарди долари годишно. Само спа и велнес компаниите во земјата заработуваат околу 130 милиони долари годишно.
А за да го прошират својот бизнис, сопствениците во спа/велнес секторот почнаа да отвараат и спа центри за деца. Еден таков има и во Џакарта, а работата му оди толку добро, што компанијата планира да се разграни и вон границите на Индонезија.
Една од редовните клиентки, на пример, е тригодишната Јасмина. Мајка ѝ троши по 200 долари месечно на спа третмани за своите деца. Толку изнесува најниската месечна плата во Џакарта.
„Го водам моето дете на спа третмани еднаш неделно. За време на распустот и празниците, ги водам и нејзините браќа и сестри. Обично купувам пакет од 50 посети“, вели мајката Ари Харијати.
Притоа, услугата можат да ја користат и бебиња. Најпопуларна е „традиционалната масажа на бебе“.
„Имаме многу специјалисти за масажа на бебиња. Тоа е наша локална мудрост. Може да се рече дека за бебето, спа (третманот) го подигнува животниот стил на следно ниво“, вели сопственичката на спа центар – Фифи Лим.
Лим тера успешен бизнис веќе 11 години. Поседува 23 спа центри. Месечно заработува по околу 130.000 долари.