„Стјуарт не успева да ја спаси вселената“, најновиот спиноф од хумористичната серија „Теоријата за Големиот тресок“, ќе дебитира во јули на стриминг платформата HBO Max. Оваа вест беше објавена на конвенцијата за поп-култура во Сиудад де Мехико завчера.
Главниот лик во серијата е Стјуарт, сопственик на продавница за стрипови, кој го игра Кевин Зусман. Овој персонаж се појавуваше и во оригиналната серија.
Според обелоденетите информации, дејството добива невообичаен заплет откако Стјуарт случајно активира мултиверзален Армагедон со помош на уред развиен од Шелдон Купер и Ленард Хофштадтер. По оваа несреќа, тој се обидува да ја врати стварноста во нормала.
Во неговата мисија му помагаат девојката Дениз, која ја игра Лорен Лапкус, геологот Берт (Брајан Посен) и физичарот Бери Крипке (Џон Рос Боуви). „Ако на почетокот не успеете, обидете се со друг мултиверзум“, напиша HBO на Instagram, споделувајќи некои први фотографии од серијата.
Некои извори навестуваат дека композиторот Дени Елфман, познат по музиката за „Битлџус“, „Симпсонови“ и „Предбожикниот кошмар“, ја создаде воведната музичка тема за оваа серија.
Серијата е резултат на соработка на Чак Лори, Бил Пради и Зак Пен. Лори и Пради се креатори на „Теоријата за Големиот тресок“, додека Пен, исто така, е познат по сценаријата за филмската франшиза „X-Men“.
HBO Max потврди дека серијата ќе биде достапна во јули, но засега не е соопштено точниот датум на премиерата.




