Премиерот Заев се вакцинираше против ковид со вакцината на „Синофарм“ (фотогалерија)

Премиерот Зоран Заев се вакцинираше против ковид-19. Денеска попладнево, во вакциналниот центар во спортската сала „Борис Трајковски“, тој прими прва доза од кинеската вакцина на производителот „Синофарм“.

На излегување, пред почетокот на прес-конференцијата, премиерот беше видно расположен, па објасни малку и околу тоа какво било искуството.

„Топ сум, гледате штом не паѓам значи океј е. Воопшто не боли, како да те штипне нешто“, сподели Заев со новинарите зад камерите, по што одржа 20-минутна прес-конференција.

„Ја извршив мојата лична, но и граѓанска должност и ја примив првата доза од вакцината на ‘Синофарм’, односно онаа вакцина којашто беше во моментот на располагање, кога ми дојде мене редот согласно националниот план за имунизација. Се чувствувам одлично и ќе ја продолжам мојата дневна работна агенда и во попладневните часови“, рече премиерот во обраќањето.

Тој ги охрабри сите граѓани да се пријават за термин на веб-платформата www.vakcinacija.mk, потенцирајќи дека вакцините се безбедни, проверени и тестирани, и дека колку побрзо заврши процесот на имунизација – толку побрзо ќе заврши борбата со вирусот SARS-CoV-2.

„Со дозите вакцини кои пристигнаа минатата седмица и со дополнителните количини кои ќе пристигнат во претстојниот период, верувам дека до почетокот на летото ќе имаме висок процент на население кое ќе биде вакцинирано и тоа ќе ја промени сликата на епидемијата кај нас“, додаде Заев.

Што се однесува до бројот на вакцинирани, како што соопштија од Министерството за здравство, досега се имунизирале 92.253 граѓани. Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови во државата, а во текот на вчерашниот ден се вакцинирале вкупно 9.123 граѓани, додаваат од МЗ.

- Реклама -