Премиерот Заев им нареди на роднините на функционерите сами да се „исчистат“ од институциите (ВИДЕО)

„Каде тоа било, кој каде сака на премиерот да му даде метла? Никаде го немало тоа досега во државата… На времето, можевте да добиете само дршка од метлата, за да некој се зaкaнува со неа“, порача премиерот Зоран Заев на трибината за поддршка на Стево Пендаровски во Прилеп, потсетувајќи на 11-те години, како што рече, „лелек и кукање во Прилеп и цела Македонија“. Тој истакна дека за разлика од времето на режимот на ВМРО-ДПМНЕ, кога имало зaкaни и yцeни, сега слободно се зборува и слободно се гласа.

„А сега, гледате како збори народот – отворено, без задршки. За сите предности и за сите слабости. И точно е, да, пораките коишто сакаа да ни ги испратат сите тие коишто останаа дома, а огромен број на граѓани останаа дома, јасно ги примивме. И затоа јасно и одговараме. Секако пораките се примени и секако дека ќе корегираме сè – сè што немало доволно енергија, сè што немало доволно мотивација, сè што немало сила и време за нашиот народ, сè што направило грешка – ќе се помести од местото. Никој нема ништо да му фали, но ќе се помести од местото, ќе дојде некој што има сила за својот народ“, порача Заев.

Во контекст на ова, Заев се надоврза и подоцна во говорот:

„Кога имало тоа Државна комисија за спречување на корупција директно да ги вади сите слабости на власта? Никаде го немало. Тоа е доказ дека имаме систем, којшто функционира. Дигнаа гласот граѓаните, системот профункционира. И еве ги денеска одлуките. Директно наредба испраќам до сите: Веднаш да се повлечат од работните места кај што се! Директно! Само така ќе функционира системот!“, (благо речено) „апелираше“ премиерот до роднините на функционерите во државните институции кои таму се нашле незаконски и по пат на непотизам.

„Државна антикорупциска комисија е независна институција. Очекувам од неа да ги соопшти резултатите, и ги најави, и за другата страна. Оти тие беа примерот за непотизмот во државата и целосното партиско, но и роднинско вработување. Очекувам и на другата страна. И секако, повикувам и на политичка, и на професионална одговорност од секој што направил дело непотизам и го ускратил правото на граѓаните. Само така ќе ја средуваме државата, и никако поинаку“, порача премиерот од Прилеп (17:05 во видеото).

Во меѓувреме, пак, генералниот секретар на СДСМ – Александар Кирацовски, не чувствува одговорност и не размислува за такво нешто.

 

- Реклама -