„Попуст(о) % – исто“ – изложба на Марија Сотировска во Берлин

Наместо да создаде илузија за изобилство, делото го претвора економското богатство во скриена пресметка: козметичкиот третман се толкува како количина вода, модниот додаток како медицинска помош, технолошкиот уред како деца на работа, а криптовалутата како енергија што е доволна за цело село. Изложбената поставка дополнително ја нагласува критичката перспектива. Црвената патека ги води посетителите низ ритуал на потрошувачка до огледало со конвексна форма и натпис „Добредојде на попусто!“, што го враќа погледот на гледачот кон самите себе, но во искривена форма. Токму овде посетителот е повикан да напише или нацрта свој слоган за попуст – чин кој го вклучува во динамиката на пазарната реторика што претходно ја наблюдувал од далечина. Насловот на проектот функционира како јазична игра, поврзувајќи различни значења: „попуст“ како термин од пазарната економија, „пусто“ како слика на опустошување и „исто“ како алузија на повторливоста на истиот економски механизам.

Прочитајте и:  Алекс Баена за две години ги освои трите најзначајни титули во репрезентативниот фудбал.

Кураторката на изложбата, д-р Ана Франговска, истакнува дека делото „не функционира само како критика на потрошувачката култура“, туку „создава ситуација во која јазикот на маркетингот се пренесува во средство за етичко и политичко преиспитување“. Изложбата има интерактивен сегмент, каде посетителите можат да остават свои цртежи и пораки, со што поставката станува простор за колективно создавање значења.

Марија Сотировска Богдановска (1983, Скопје) дипломирала и магистрирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Од 2022 година е доцент на Катедрата за сликарство и трансмедиумски практики при Факултетот за ликовни уметности – Скопје, УКИМ. Реализирала бројни самостојни и групни изложби, како во земјата, така и во странство, вклучувајќи Берлин, Софија, Белград, Загреб, Подгорица, Прага, Москва и Пекинг. Таа е членка на женската уметничка група „МОМИ“.