Поповска: Маката на Бугарија е цртежот од 1878 година и нашата сегашност и иднина, а не нашето минато

„Што, всушност, ги мачи нашите соседи? Дали е тоа минатото како такво, на ниво на фактографија, дали се борат за ‘голата вистина’? Не, проблем имаат со сегашноста и со иднината на Македонија, црпејќи инспирација од Сан Стефанска велика Бугарија, која им беше ветена од големите сили во 1878, нацртана на карта, а по три месеци повлечена“, пишува во колумна за „Плусинфо“ насловена „Зошто ѝ дадовме на Бугарија сапунче да се замие?“, поранешната пратеничка и коалиционен партнер на Зоран Заев – Лилјана Поповска од партијата ДОМ.

„Е токму тој цртеж на карта сака Бугарија да го оствари денес и за во иднина! Барем дел од него, со нашата Македонија“, пишува таа. „Затоа не сака да прифати дека постојат некои Македонци со македонски идентитет и јазик, ниту дека постои македонско малцинство кај нив, измачено, непризнаено, но сѐ уште борбено за своите културни и човекови права Проблем имаат и со тоа што сме решени да постоиме и во иднина, освен ако не направиме сите групно национално и ментално самоубиство, како што сега, на општо чудење, прават поединци“, потенцира Поповска во колумната (прочитајте ја целата ТУКА).

Екс-пратеничката беше и една од многуте што реагираа по неумесното (благо речено) интервју на премиерот Заев за БГНЕС.

„Ужас до болка. Ако на ЕУ ѝ треба вакво национално и ментално самоубиство, тогаш ЕУ каква што ја почитуваме и посакуваме, престанала да постои!? Неприфатливи се вакви изјави од македонски политичари за сериозни прашања! Во чие име се зборува? Никој нема мандат за ова!!“, порача таа на социјалните мрежи, по интервјуто.

- Реклама -