Попишани вкупно 1.132.484 лица, од ДЗС велат дека наводите за бојкот немаат никаков допир со реалноста

Вкупно 1.132.484 лица, 353.256 домаќинства и 480.364 станови се попишани заклучно со 20 часот вчера, а можноста за самопопишување во странство досега ја искористиле 193.742 лица, објави денеска Државниот завод за статистика (ДЗС).

Од ДЗС за МИА потврдија дека граѓаните масовно се попишуваат, а бројките за наводни одбивања за попишување се измислени, целосно неточни и немаат никаков допир со реалноста.

„Дури и кај изолираните случаи на граѓани кои во прв момент не се попишале, подоцна при последователните контакти ја оствариле својата обврска и дале свој придонес и учество во пописот“, посочуваат од Заводот. Казни не се пишуваат, но и нема потреба, затоа што, како што велат, попишувачите и граѓаните на терен соработуваат одлично.

Премиерот и лидер на СДСМ – Зоран Заев, е убеден дека пописот успешно ќе заврши, наспроти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, според кого постојат проблеми во спроведувањето на статистичката операција.

На нивниот ТВ дуел вчера на „Канал 5“, Заев изрази благодарност до граѓаните затоа што учествуваат во пописот и рече дека верува дека така ќе биде до крај. Истовремено и упати комплименти до сите попишувачи, до Државниот завод за статистика и до сите стручни луѓе од заводот, до македонски Телеком, до ИТ експертите од државните институции кои се вклучени да помогнат…

„Системот, како што знаете, е сериозно нападнат од хакери. Тоа го знаеме сите. Секако работат повеќе од пет илјади попишувачи и тука истрагата не може да даде конкретен резултат, важно е што се ставаат соодветни блокади и досега пописот продолжува успешно да функционира“, изјави Заев.

Прочитајте и:  Мицкоски: Мојот став за договорот со Бехтел и Енка е непроменет, но нема да одиме чекор назад и да платиме уште 350 милиони долари

Тој потсети дека во просек дневно има околу сто илјади попишани, а надмината е бројката од милион попишани граѓани.

„Во просек имаме околу сто илјади попишани. Ја надминавме бројката од милион и 37 илјади граѓани кои се попишани, затоа можам да констатирам дека е успешен. Фокусот мора да остане пред сѐ на стручните луѓе, на ИТ техничарите кои се позадинска поддршка на попишувачите кои што одат од куќа на куќа, од дом на дом, но и се морална стабилност и на граѓаните, оти ако системот паѓа и навистина не можете да го завршите попишувањето, се создаваат нервози, непријатни ситуации или слично“, рече премиерот.

Според Мицкоски, пак, сликата е поинаква.

„Пописот има многу проблеми и тоа Заев го знае. Апликацијата континуирано изминатите 15 дена паѓаше и попишувачите на терен не можеа да ја користат 24 часа. Тоа е факт“, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ги признае резултатите од пописот, Мицкоски не одговори конкретно.

„Како можеме да признеме нешто што не сме виделе? Допрва има период кога ќе се вкрстува тоа со базите на податоци. За една година од сега ќе излезат тие пподатоци. Но, првата контрола ќе бидат локалните избори и фингер принт терминалите“, рече тој.

 

- Реклама -