„Бугарските граѓани имаат многу барања од Северна Македонија. Тие го поддржуваат приемот на земјата во ЕУ и ја потврдуваат својата традиционално висока емпатија кон државата со која имаме заедничка историја. Нашите граѓани, сепак, категорично сакаат прво уредување на односите со Скопје, пред да се мисли за членство на нашата југозападна соседка во ЕУ“, констатира бугарската агенција БГНЕС, презентирајќи ги резултатите од најновата анкета, спроведена од „Галуп интернешнал Балкан“, врз 808 полнолетни Бугари, лице в лице.
Од испитаниците се барало да изберат кое од следните две тврдења е поблиско до нивното лично мислење: „Најважно е Република Северна Македонија да стане член на ЕУ, дури и ако не се сосема уредени нејзините односи со Бугарија“, или „Најважно е да бидат уредени односите на Република Северна Македонија со Бугарија, а не е толку важно дали земјата ќе стане членка на ЕУ“. Како што пренесува БГНЕС, само 5.8% го избрале првото тврдење, а 57.9% одговориле дека нивниот став е поблизок до второто тврдење.
36.3% одговориле дека не можат да проценат дали поголем приоритет за Бугарија е Северна Македонија да биде членка на ЕУ или поголем приоритет се децениските историски спорови. Тие не можеле да проценат и дали проблемите треба да се „испеглаат“ пред воопшто да се зборува за членство во ЕУ, или пак обратно – членството во ЕУ би создало атмосфера во која ќе бидат надминати проблемите. Ваквиот процент е очекуван, констатира БГНЕС, со оглед дека тешко може да се очекува дека бугарското население е масовно запознато со деталите на ситуацијата.
Сепак, констатира агенцијата, инстинктот на бугарското општество е јасен кога ќе се види дека само 6.1% од анкетираните, одговарајќи на поедноставеното прашање „Треба ли Македонија да биде членка на ЕУ?“, се согласни Бугарија да не ја поддржи Македонија по било која цена (при било какви услови).
„Со тоа се докажуваат и резултатите од низа истражувања поврзани со темата, направени низ годините наназад. Тие покажуваат дека бугарското општество не ја загубило, и покрај децениите поделби, својата емпатија кон Скопје. Пред неколку години, на пример, нашето општество беше понаклонето кон Скопје отколку кон Атина во спорот со Грција“, пишува агенцијата.
Меѓутоа, според анкетата, безусловна поддршка за европскиот пат на Македонија дале само 8% од прашаните. Значително мнозинство од 51.1% ја избрало опцијата „Бугарија треба да го поддржи членството во ЕУ само под услов Република Северна Македонија брзо да го исполнува договорот со Бугарија“.
Бугарите се единствени во овој став без оглед на партиската наклонетост. Одредено отстапување има кај приврзаниците на ДПС (Движење за права и слободи), каде најголем дел одговориле дека им е тешко да одговорат. Слична е сликата и кај Бугарите кои велат дека не се заинтересирани за политика. Но и во двете групи, пишува агенцијата, „брзата писта“ (безусловна поддршка) ретко се споменува во одговорите, за разлика од јасните услови.
Најмладите групи кај испитаниците, од друга страна, не се особено запознаени со темата.
„Другите демографски фактори имале мал ефект. Јасно е дека станува збор за прашање со јасен консензус“, заклучува БГНЕС.