„Погрешното толкување на историјата“ ќе важи и за Бугарија и за Грција, тврди германската амбасадорка

Германската амбасадорка во земјава – Анке Холштајн, категорично ги отфрла тврдењата дека вклучувањето на формулацијата „погрешно толкување на историјата“ во денес усвоените заклучоци за Западен Балкан, претставува успех на Бугарија во наметнувањето на своето еднострано толкување на историјата. Заклучоците, според неа, важат еднакво за сите, односно и за Бугарија, и за Грција, и за Северна Македонија.

„Главната причина за усвојувањето на овие заклучоци е давањето сигнал за веродостојноста на перспективата за проширување. Заклучоците се однесуваат на шесте земји во регионот на Западниот Балкан и затоа е важно што тие беа усвоени за да се покаже дека проширувањето продолжува“, тврди Холштајн за „Дојче веле“.

Амбасадорката посочува дека формулацијата не е нова и веќе била во употреба од 2018 година. Со оглед дека важи за сите земји, таа може да биде основа за продолжување на заедничката работа.

„За нас како претседавачи беше важно да ги усвоиме овие заклучоци, за да покажеме дека сите земји-членки се посветени на проширувањето“, потенцира Холштајн.

За разлика од неа, македонските медиуми, вклучително и дописничката на МИА од Брисел, претходно веќе посочија дека оваа формулација за првпат влезе во употреба за време на бугарското претседателство со ЕУ во 2018 година, но и дека во меѓувреме таа воопшто не се појавуваше во нацрт-заклучоците од ноември годинава, на пример.

Дописничката на МИА исто така посочи и дека во последниот нацрт се користи исклучиво „долгото име“ на државата („Република Северна Македонија“ наместо „Северна Македонија“), иако за Грција и Бугарија се употребуваат кратките форми. Тоа е уште еден новитет кој е на линија на бугарските барања, конкретно на нејзината „загриженост“ од идни територијални претензии кои наводно произлегуваат од „краткото име“.

Во равенката на Холштајн очигледно недостасува уште еден елемент – формулацијата можеби ќе важи за сите, но Грција и Бугарија се земји членки со право на вето, а Македонија е само долгогодишен кандидат кој добива нови услови секогаш кога ги исполнува постоечките.

Која е историската вистина?

Бугарската аналитичарка, доктор по право и активист – Радосвета Василева, неодамна во еден изненадувачки умерен текст посочи дека историјата не е егзактна наука (како што, на пример, тврдат Каракачанов и историчарите од бугарската страна на комисијата н.з.), и дека едни исти историски факти можат да бидат различно толкувани. Таа обвинува дека Македонија и Бугарија со Договорот за добрососедство создале „Министерство за вистина“ по примерот на Орвел, кое во крајна линија, што и да реши, нема да може да им наметне на граѓаните, од едната или другата страна, да ја прифатат „официјалната верзија“ што ќе ја избере за вистинита, бидејќи секој Македонец и Бугарин индивидуално решава која верзија на историјата му има повеќе смисла и таа ќе ја негува. Тоа, посочува Василева во текстот, создава потенцијал за долготрајни негативни последици од Договорот за добрососедство врз, иронично, добрососедството меѓу двете земји и нивните граѓани.

Прочитајте и:  Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не функционира со ултиматуми и рокови

Од друга страна, формулацијата за „погрешно толкување на историјата“ е спомната во контекст на Договорите со Грција и Бугарија:

„ … Советот потсетува на Преспанскиот договор помеѓу Република Северна Македонија и Грција и Договорот за Пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Северна Македонија и Бугарија и ја нагласува важноста на нивната постојана имплементација. Овие два крупни чекори би требало да им стават ефективен крај на сите барања засновани на погрешното толкување на историјата“, се вели во параграфот 8 од заклучоците.

Неизбежен факт е дека со Преспанскиот договор Македонија се откажа од античкиот дел од историјата, а во Договорот со Бугарија прифати „заедничка историја“. Оттука, се чини однапред јасно кој од историските наративи полесно ќе биде прикажан како „правилно“, а кој за „погрешно толкување на историјата“. Уште појасно е дека Бугарија делот „заедничка историја“ го толкува како потврда дека целата историја на Македонија пред 1944 година е заедничка а всушност бугарска, иако такво нешто воопшто не е прецизирано со Договорот. Таму, впрочем, пишува:

„Република Македонија и Република Бугарија … Имајќи ја предвид заедничката историја, која ги поврзува двете држави и нивните народи … Се договорија за следново: “…

- Реклама -