Петровска од Лондон: НАТО е обединето во гарантирање на безбедноста на земјите-членки

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и делегација од министерството денеска беа пречекани во Обединетото Кралство со церемонија со највисоки воени почести.

„Од Лондон ја испраќаме пораката дека ја осудуваме инвазијата врз Украина. Но, истовремено испраќаме и порака на обединетост на сојузниците и подготвеност да ја гарантираме безбедноста на државите – членки на НАТО Алијансата“, изјави Петровска по средбата со нејзиниот британски колега – министерот за одбрана Бен Валас.

Од прес-службата на министерката информираат дека таа истакнала дека ова е прва официјална посета на Обединетото Кралство и дека истата се реализира во едно тешко време за континентот – „воена инвазија врз суверена и самостојна држава, проследена со страдање и човечки жртви“, рекла Петровска.

Валас го потврдил ставот дека НАТО е единствен во цврстата заложба кон колективната безбедност во НАТО. Британскиот министер истакнал и дека членството на земјава во НАТО е особено важно за зачувување на безбедноста во регионот. Тој се заложил за зајакнување и продлабочување на билатералната соработка помеѓу двете земји.

Прочитајте и:  Руте ја назначи Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО

„Заедно со Обединетото Кралство и понатаму ќе продолжиме да ги развиваме капацитетите и да ги зајакнуваме способностите на македонското министерство за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија“, порача Петровска.

Во соопштението се додава дека Обединетото Кралство го поддржува развојот на армиските капацитети на повеќе полиња – во министерството работи британски советник за трансформација на Армијата, тим од Обединетото Кралство дава поддршка за развој на армискиот полигон „Криволак“, а македонски офицери имаат шанса да се школуваат на највисоките воени школи во Велика Британија.

Припадниците на двете армии изведуваат заеднички вежби и обуки и годинава британски војници ќе бидат дел од досега најголемата воена вежба на армискиот полигон „Криволак“, вежбата „Брз одговор 22“ планирана за напролет.

МИА

- Реклама -