Петрова: Владата во заминување не се „заузда“ во трошењето, за пола мај потрошени само 9% помалку отколку за цел мај лани

Ниту силината на изборниот пораз не ги “заузда” владините функциононери во заминување во трошењето буџетски средства, одење на службен пат во странство, правење гала прослави, обвинува заменик-министерката за финансии во техничката Влада – Елена Петрова.

„До 15 мај 2024 год. поминавме два викенди, три празнични неработни денови и еден изборен неработен ден“, нагласуваат од кабинетот на Петрова.

„Колку потроши Владата во преостанатите седум работни денови, додека треба да се пакува за да ги испразни кабинетите?“, реторски прашува Петрова, па наведува дека вкупните буџетски расходи од 367 милиони евра во календарскиот период 01/05-15/05/2024 година биле 1) само за 9% помалку од вкупните буџетски расходи за ЦЕЛ месец мај во 2023 год. и 2) поголеми во просек за 11% од вкупните буџетски расходи за ЦЕЛ месец мај во 2022 год., 2021 год. и во ковид-годината 2020.

Во истиот календарски период (01/05-15/05/2024 год) новосоздадениот буџетски дефицит, т.е. негативна разлика меѓу помалку наплатените буџетски приходи и повеќе исплатените буџетски расходи, изнесува 189 милиони евра и е:
• во просек за 250% поголем од буџетскиот дефицит создаден во текот на ЦЕЛ месец мај во претходните четири години (2020-2023)
• поголем за околу 170% во споредба со буџетскиот дефицит создаден во текот на ЦЕЛ месец мај во кризната-ковид 2020 год
… се наведува, исто така, во соопштението.

Прочитајте и:  Мицкоски за буџетот: Бројките се катастрофални, тајфун поминал низ државава... сепак ќе се најдат средства за исплата на зголемените пензии

„Новата политичка влада на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери наскоро ќе биде назначена. Ќе дојдат нови луѓе кои одговорно ќе ги водат државните органи и тела, ќе ги насочат јавните финансии за создавање долгорочни бенефити за македонските граѓани, но и од првиот ден ќе ги ‘отворат сметките’, ќе ги разоткријат и ќе иницираат сакционирање за сите досегашни незаконски и штетни трошења од Буџетот“, порача Петрова.

- Реклама -