Петков, наместо Радев, ќе ја брани бугарската позиција во Брисел на 16 декември

Кирил Петков, кој се очекува денеска да биде избран за нов бугарски премиер, ќе го замени претседателот Румен Радев како претставник на Бугарија на последниот европски совет годинава, кој ќе се одржи во Брисел во четврток, на 16 декември, објави софискиот портал „24 Часа“.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, иако беше планирано тоа да биде Радев, лидерот на „Продолжуваме со промените“ (и најверојатно нов премиер) сепак сакал тој да присуствува на европскиот совет и да преговара со другите европски лидери. Тоа ќе биде негово прво учество на самитот на ЕУ, каде ќе биде со новиот германски канцелар Олаф Шолц.

„Ставот на Бугарија во однос на Северна Македонија останува непроменет. Но, мора да се надгради за да има корист за двете земји“, изјави завчера Петков за време на претставувањето на програмата на неговата влада пред новинарите во Народното собрание, додавајќи дека мора добро да се комуницира со неговите коалициски партнери.

Прочитајте и:  Средба Сиљановска Давкова - Радев во Баку: Билатералните спорови да се решаваат во рамки на принципите и вредностите на ЕУ

Петков во Брисел ќе треба да ја брани рамковната позиција одобрена од преодната влада на Бугарија, според која Софија го одобрува почетокот на пристапните преговори во ЕУ за Албанија, но не и за Македонија.

Извор: МИА

- Реклама -