Песков: Русија ќе бара појаснување од Ерменија откако објави дека го замрзнала членството во ОДКБ

Русија денеска објави дека планира да побара појаснување од Ерменија, откако нејзиниот премиер Никол Пашинјан во вчерашното интервју изјави дека Ереван го замрзнал своето членство во Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ), предводена од Русија, бидејќи овој сојуз ја изневерил земјата.

Во последниве месеци, Пашинјан го изразува своето незадоволство од долгогодишните врски на Ерменија со Русија и вели дека неговата земја повеќе не може да се потпира на Москва за да ги обезбеди одбранбените потреби. Тој, исто така, предложи преглед на членството на Ерменија во организацијата.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска за ТВ каналот „Ѕвезда“ на руското Министерство за одбрана изјави дека на Москва и се потребни повеќе детали од Ерменија.

„Ерменската страна не презеде никаква официјална акција во врска со ова. Имаме намера да контактираме со нашите колеги и да го разјасниме значењето на овие изјави“, рече Песков.

Прочитајте и:  Русија го преименуваше „Одделот за паневропска соработка“ во „Оддел за европски проблеми“

Други поранешни советски републики членки на организацијата се Белорусија, Казахстан, Киргистан и Таџикистан.

„Секретаријатот на Организацијата на Договорот за колективна безбедност не доби никакви изјави од Ереван во врска со престанокот на членството“, објави прес-службата на организацијата.

Пашинјан во интервју за телевизијата Франс 24, што беше  емитувано синоќа, кажа дека „Договорот за колективна безбедност не ги исполни своите цели што се однесува до Ерменија, особено во 2021 и 2022 година“.

„Сега практично го замрзнавме нашето учество во овој договор. Што се однесува до нашите следни чекори, ние ќе треба да видиме“, додаде тој.

- Реклама -