Перински: Има само еден кривец за состојбите во Скопје, се надевам денешната конструктивност на Арсовска ќе влезе во пракса и ќе направи нешто корисно за градот

Има одредено поместување во насока на конструктивно однесување од страна на градоначалничката на Град Скопје кон Советот и советниците, иако бев информиран од страна на координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, дека сите обвинувања повторно биле насочени кон Советот и одредени програми кои сѐ уште не биле изгласани оти биле „главен кочничар на процесите за отстранување на реалните проблеми“, рече вечерва министерот за локална самоуправа Златко Перински, коментирајќи ја координативната средба на градоначалничката Данела Арсовска со претставниците на советничките групи за излез од кризата во Град Скопје.

Перински во гостување на „Вести плус“ на Канал 5 телевизија изрази надеж дека денешната делумна конструктивност на Арсовска ќе влезе во пракса и преостанатите месеци до локалните избори ќе направи нешто конструктивно.

– Суштината е дека секогаш некој друг е кривец. Се надевам дека денешнава делумна конструктивност ќе влезе во пракса и останатите месеци до локалните избори, барем нешто конструктивно да се направи во градот. Верувајте ми, само еден е кривец за ваквите состојби во градот и денот кога Данела ќе го напушти градоначалничкото столче, ние скопјани тој ден ќе го славиме како нов 13 ноември, рече Перински.

Јавните комунални претпријатија кои што се под надлежност на Град Скопје, Перински вели не се на нивото на задачата и затоа на средбата со Арсовска во Владата, очекувал одговори за бројот на механизација во ЈП Комунална хигиена, каква механизација има во ЈП Паркови и зеленило, како и за финансискиот потенцијал со кој располагаат овие претпријатија.

– Сите програми во ЈП Паркови и зеленило, како што се програма за дополнителни активности, инвестициска програма, програма за работа, се изгласани за 2024 година. Зошто зеленилото во Скопје не е зелено, туку жолто? Јавните комунални претпријатија во Град Скопје не се на нивото на задачата. Ние на средбата во Влада очекувавме одговор да видиме зошто тоа е така и како Влада ако можеме да помогнеме. Ние очекувавме одговор за тоа дали е точна нашата информација за бројот на механизација во комунална хигиена, каква механизација имаме во паркови и зеленила со кои потенцијал финансиски располагаат овие претпријатија. Да ја видиме генезата на проблемот, вие не можете да решавате проблем ако не ја знаете причината на проблемот, рече Перински.

Прочитајте и:  ЈО: Дадени се насоки на Управата за финансиска полиција да се испитаат постапките за јавни набавки за горивото за ЈСП

Владејачката партија, вели Перински, има 14 советници во Град Скопје, од вкупно 45 во рамки на Советот, посочувајќи дека на јавните комунални претпријатија не им треба глас во Советот на Град Скопје за да ја обавуваат нивната законски утврдена надлежност.

– Фактите се дека никој не може да го спречи директорот или менаџментот на едно јавно комунално претпријатие да си ја обавува својата законски утврдена надлежност. На ЈСП не му треба глас во Советот на Град Скопје за да ги сервисира автобусите, на ЈП Комунална хигиена не му треба глас во Советот за да ги сервисира камионите, цистерните и тн. Им требаат финансии и волја, вели Перински.

Потребен е континуитет во работата на јавните комунални претпријатија, нагласи Перински, бидејќи се работи за комплексни системи со повеќе од 1.000 вработени, каде, како што рече, на секои три месеци има нов менаџмент, кој „нема време во целост да навлезе во материјата со која што треба да се справи“.

– Не можете да работите со луѓе, зборувам за директорите на јавните претпријатија, кога тие имаат нов менаџмент на секои три месеци, тоа е огромен стрес прво за вработените таму. Јавните претпријатија на територија на Град Скопје се комплексни системи со повеќе од 1000 вработени. За пет месеци вие немате време во целост да навлезете во материјата со која што треба да се справите. Немаат континуитет јавните претпријатија, никој ништо не знае во моментов со што располага. Тие работи ги очекувавме од Арсовска во Влада и да видиме што можеме ние. Да ни кажеа „немаме механизација“, а ние после ќе го бараме кривецот зошто нема механизација, рече Перински.

Според информациите кои ги има, ЈП Комунална хигиена располага со три камиони со капацитет од 20 метри кубни и околу 20 камиони со капацитет од пет метри кубни.

– Она што го имам како информација во моментов ЈП Комунална хигиена располага со три камиони со капацитет од 20 метри кубни и 20-тина со капацитет од пет метри кубни, а со оваа механизација треба да собира смет од 1000 микролокации во градот Скопје, 4.500 контејнери, 120 подземни инсталации, 80.000 канти и така натаму, практично, како процес е невозможно да се спроведе, рече министерот.

- Реклама -