Пендаровски: За историски теми немам намера да патувам во Софија

Претседателот на државата Стево Пендаровски, вечерва во емисијата „Топ тема“ на ТВ „Телма“, оцени дека, во последниот период, реториката меѓу Северна Македонија и Бугарија е смирена. Според претседателот, причина за тоа е усвоената преговарачка рамка.

Во гостувањето, Пендаровски рече дека со неговиот бугарски колега Румен Радев сака да разговара за реални европски теми како што се економијата, инфраструктурата… За историски теми, како што рече, нема намера да патува во Софија.

„Јас и сега тврдам, а и во наредните години, независно од која позиција ќе бидам, немам намера да одам во Бугарија и да зборувам за историја. Моја стара теза е дека кога зборуваме за европски интеграции не смее да се концентрираме на историјата. За жал, од 2019 година Софија ја претвори таа тема како предуслов за напредување. Мене ми е драго што во преговарачката рамка историјата се споменува само во делот на билатерален договор и Комисијата на историчари. За историски теми немам намера да го трошам патот и да патувам во Софија и да разговараме со Радев за окупатори или администратори“, рече Пендаровски, додавајќи дека нема мандат, како што рече, „да ја враќа државата во 19 век“.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

„За сè друго немам добиено мандат во 2019 година – да ја враќам мојата држава во 19 век или да зборувам за Цар Самоил за 10 или 11 век“, рече шефот на државата.

Извор: МИА

- Реклама -