Пендаровски не се согласува дека промената на името беше преголема цена за членството во НАТО

Претседателот на државата – Стево Пендаровски, не се согласува со оние кои сметаат дека со промената на името сме платиле преголема цена за членството во НАТО. Во интервју за руски „Комерсант“, прво негово интервју за руски медиум, тој ги објаснува придобивките од сега реалното членство во Алијансата.

„Околу промената на името има два аспекти. Првиот е емоционален, поврзан со привикнувањето на новото име. И мене тоа не ми беше лесно. Но има и стратешки аспект. Во Договорот со Грција има одредба според која ние сме Mакедонци и зборуваме на македонски јазик. Таа одредба е дел од нашата лична карта во ООН, и тоа е многу значајно за нас. Што се однесува до историјата и географијата, нашата земја зазема 36–37% од географската Македонија. Географски, ние и сме Северна Македонија“, вели претседателот.

Прашан дали членството во НАТО, за кое тој активно се залагаше, ги исполнува очекувањата, Пендаровски објаснува:

„По распадот на Југославија, ние се соочивме со проблеми за безбедноста и територијалниот интегритет. НАТО за нас беше синоним, гарант и на едното и на другото. Претходно, меѓународните инвеститори нѐ прашуваа: дали Македонија има иднина? Кој би вложувал во држава ако безбедноста е загрозена? Сега, кога станавме членка на оваа воено-политичка структура, нашиот имиџ е сосема поинаков“, вели тој.

Во поглед на конкретните придобивки, Пендаровски ја посочува активната размена на информации од заеднички интерес:

Прочитајте и:  СДСМ: Наместо да и честитаат на Шекеринска, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ избраа да бидат „мали“ во момент кога Македонија е голема

„Во последните пет-шест години околу 140 наши граѓани војувале во Сирија и во другите земји од Блискиот Исток. Некои загинале или исчезнале, но многу се вратиле. Тоа се луѓе од војна и потенцијално може да извршат терористички акти и кај нас, и во регионот. Ние сме мала земја, и многу е значајно да се добиваат потребните разузнавачки информации од Германија, Франција, од другите водечки земји. Пред неколку месеци, благодарение на добиена информација, ние уапсивме тројца такви луѓе кои подготвуваа терористички акт“, истакна тој.

Инаку, во октомври минатата година, во интервју за грчка „Алфа“, откако Македонија не доби зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ, Пендаровски изјави дека сѐ што е направено во изминативе години, а пред сѐ Преспанскиот договор (за промена на името), било направено поради Европа и за да бидеме дел од Европската унија. Во други прилики, меѓутоа, изјавуваше и дека никогаш нема со радост да изговори „Северна“, потенцирајќи дека сепак тоа е нужност и дека емоциите се за по дома. Сепак, Пендаровски во ниту еден момент не го потцени членството во НАТО, оценувајќи го дури и како поголем приоритет од членството во ЕУ, иако, како што самиот уверуваше, и тој сочувствуваше со разочараноста на граѓаните поради тогашното „НЕ“ од ЕУ.

- Реклама -