Пендаровски: МВР треба да ги побие шпекулациите на ВМРО-ДПМНЕ, иако се политичка манипулација за дефокус од средбите на Мицкоски со Палевски

Премногу рано е да се даде заокружена оценка за постапувањето на сите органи во случајот со Вања Ѓорчевска во Скопје, но впечатокот е дека МВР во содејство со законот и со Јавното обвинителство прилично брзо и прилично ефикасно ја заврши работата во оваа фаза, оцени претседателот на државата Стево Пендаровски во интервју во емисијата „360 степени“ на Националниот сервис.

Според Пендаровски, коментарите на ВМРО-ДПМНЕ дека истрагата доцнела, а во кои фокусот е на потрагата по автомобилот на Панче Жежовски, се всушност ширење на шпекулации со кои лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, сака да го дефокусира вниманието од неговите евентуални средби со првоосомничениот.

Пендаровски, зборувајќи за овој случај, рече дека МВР во содејство со законот и со Јавното обвинителство, одлично ја завршиле работата до овој момент.

„Информациите што ги имам до сега за овој случај во оваа фаза се идентични со они кои ги има јавноста од прес-конференциите на министерот и на јавниот обвинител. Премногу е рано да дадеме заокружена оценка за постапувањето на сите органи вклучително и на овие кои се во предистрага и истрага, бидејќи случајот е во многу почетна фаза. Од она што до сега може да се знае, впечатокот е дека надлежните органи, прилично невообичаено за наши македонски или балкански услови, брзо и прилично ефикасно ја заврши работата во оваа фаза“, рече Пендаровски.

Прочитајте и:  Инцидент во Собранието, за малку избегната физичка пресметка меѓу Апасиев и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ

Коментарите на ВМРО-ДПМНЕ, смета, се непотребна политичка манипулација.

Сепак, Пендаровски смета дека Министерството за внатрешни работи треба да даде прецизни контрааргументи на тезите на ВМРО-ДПМНЕ за движењето на автомобилот со кој беше киднапирана Вања Ѓорчевска.

„Да одите со шпекулации уште првиот, вториот ден по апсењето на групата, дека станува збор за сосема други информации, кои ќе фрлат сосема поинакво светло на овој настан, е непотребна политичка манипулација. Треба да се провери она што опозициската партија го кажува на дневна основа прилично настојчиво, прилично фрекфентно. Треба да се добијат и контра аргументи дали е тоа точно, но мојот првичен впечаток е дека се обидуваат да го пренасочат вниманието на јавноста од евентуалните средби кои нивниот прв човек ги имал со првообвинетиот“, посочи Пендаровски.

Тој додаде дека овие информации се на ниво на медиумски извештаи кои треба да се докажат.

„Не можам да сфатам во еден ваков момент на успешно решен случај во оваа фаза, која е потребата во јавност да кажувате дека имате сознанија, дека не е баш така како што кажува МВР или ОЈО а ќе ги соопштите подоцна. Мора да има политички мотиви за тоа инаку вие прикривате податоци за извршено кривично дело“, рече Пендаровски.

- Реклама -