Пендаровски: Од 5 ноември знаевме за инвазијата на Русија, ете колку е важно што сме во НАТО

„Првите потврдени сознанија дека Русија подготвува инвазија на Украина, на цела територија а не само во Донбас, ние што сме овластени да ги примаме тие информации преку НАТО механизмите, ги добивме на 5 ноември минатата година“, изјави вечерва претседателот на државата Стево Пендаровски, во Дневникот на ТВ „Сител“, посочувајќи дека тоа покажува колку е важно што влеговме во НАТО.

Како што рече тој, тоа било огромен бенефит за нас – со време да знаеме за да можеме да планираме како да се позиционираме во однос на потребните резерви во различни сектори.

Пендаровски потенцираше дека информацијата се покажала точна во секој поглед, со мал исклучок околу датумот за напад, каде „грешката“ била од само три дена.

„Она што е запрепастувачки… гледате која е таа сила, машинерија, кои се тие ресурси и сателитски и на земја… беше предвидено во однос на времето на напад – промашувањето беше само за три дена, пред четири месеци прогнозата. Во однос на обемот на операцијата дека ќе се напаѓа од овие три-четири магистрални правци, немаше никакво промашување“, рече Пендаровски, констатирајќи дека со членството во НАТО нашата држава влезе во сојуз „со држави што се најдобри на тој план во светот“.

Додаде дека некои крупни разузнавачки сервиси во тоа време не верувале дека е тоа точно и проверувале на свој начин, но сега сето тоа се потврдило како 100-процентно точна информација.

Прашан дали, ако сме знаеле од ноември дека се подготвуа вакво нешто, се направени некакви чекори оттогаш до денес за да се обезбеди некаква алтернатива за снабдување со гас, во услови кога змејата се наоѓа во енергетска криза, Пендаровски рече дека на одржаната седница на Советот за безбедност тоа била прва и последна точка за дискусија.

Тоа се класифицирани информации, нагласи претседателот, додавајќи дека премиерот на таа седница ги читал последните податоци од Бирото за стокови резерви по секоја ставка од прехранбени продукти, до енергенси, што се во залихите.

Прочитајте и:  Рускиот напад со интерконтинентална ракета ги подигна полските борбени авиони

„Во тој дел ние не треба да се грижиме. Реков дека можеме да имаме одредени проблеми, ако војната трае месеци и месеци. Тоа ќе имаат сите. Ако трае неколку недели ние имаме, без да набавуваме нови количини, доволно по сите основи – од животни продукти до енергенси, да издржиме како да нема санкции…“, рече шефот на државата.

Во меѓувреме, информираше тој, Владата формирала алтернативно тело кое на дневна основа побарува сѐ што ни треба.

„Денеска ја видов изјавата на српскиот претседател кој рече дека ‘Македонците побараа од нас 50 илјади тони пченица, 25 илјади тони пченка’. Вели ‘ние имаме доволно во залихите и ќе им дадеме’. Големината на тој потег, треба да се каже отворено, е во тоа што Србија пред пет дена, кога почна интервенцијата на Русија во Укрина, донесе одлука за извоз на сите витални стратешки производи“, рече Пендаровски.

Прашан за говорот на рускиот претседател Владимир Путин за Украина и сличноста во реториката со онаа на Бугарија за нас, Пендаровски рече дека негов личен став е дека тоа не било причината што Путин ја нападнал Украина. Причината, според него, е геостратешка и тоа што, како што велат некои, Путин не сака во негова непосредна близина „да вирее демократски модел“.

„Не верувам дека во 21 век може таков еден анахрон историски наратив да биде предомионантен во било која дебата кога разговараме за 2022 година и за актуелни организации, проблеми, пандеми, енергетски кризи, економски кризи…. Мислам дека тоа е наменски за да направи поголема мотивација во својот внатрешен амбиент“, додаде тој.

Извор: МИА

- Реклама -