Пекинг: Приближувањето на Пјонгјанг и Москва не го менува нашиот однос кон нив

Кинеските власти денеска соопштија дека приближувањето на Пјонгјанг и Москва нема да го промени ставот на Пекинг кон овие држави, откако Вашингтон предупреди дека околу 8.000 севернокорејски војници се обучуваат во Русија и се подготвени да се борат против Украина.

-Северна Кореја и Русија се две независни држави. Нивна работа е како ќе ги развиваат своите односи, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Ѓијан.

Рускиот претседател Владимир Путин, чија земја од 2022 година е во војна со Украина, постигна договор за воена соработка со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.

Според американските разузнавачки податоци, околу 8.000 севернокорејски војници моментално се наоѓаат во Русија, во пограничниот регион Курск, од каде што треба да бидат распоредени во Украина.

Прочитајте и:  ФТ: Западот останува зависен од Кина поради ниските цени на литиумот и високите оперативни трошоци

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди неодговарањето на сојузниците и изрази изненадување од „молчењето“ на Кина.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи денеска рече дека Пекинг не е запознаен со конкретната ситуација на билатералната соработка меѓу Северна Кореја и Русија.

– Ставот на Кина, која се надева дека страните ќе придонесат за смирување на ситуацијата и ќе работат на политичко решение за украинската криза, останува непроменет, рече портпаролот на редовната прес-конференција.

- Реклама -