Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска информира дека е приведено 34 годишното лице Л.А од Битола за потпалувањето на влезната врата на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола на 4 јуни. МВР бара одредување мерка притвор заради тоа што, нагласи Спасовски, се исполнети условите по однос на таквото барање.
„Со задоволство можам да обзнанам брза и ефективна разрешница на случајот од пред три дена (04.06.2022) со кривично-правниот настан – пожар во центарот ‘Иван Михајлов’ во Битола, кој е веќе расчистен и имаме приведено лице кое го призна делото.
Се работеше деноноќно да се изнајде сторителот, се земаа предвид сите докази, а по извршените службени разговори во изминатите денови, вчеравечер, со судска наредба, беше извршен претрес на две локации кои ги користи Л.А.(34) од Битола, при што се пронајдени и одземени предмети поврзани со кривичното дело, по што лицето е лишено од слобода“, напиша Спасовски на Фејсбук, додавајќи дека уште еднаш покажале дека единствената моќ што ја има секоја правна држава е моќта да го сузбие криминалот, и дека во тој сегмент нема „пардон“ и нема заштитени лица – „сите се еднакви пред лицето на законот, а секој којшто се огрешил – мора да одговара!“.
Иако МВР и Спасовски не го обелоденија името на уапсениот, медиумите, повикувајќи се на свои извори во МВР, пишуваат дека се работи за македонскиот пејач Ламбе Алабаковски, кој неодамна се врати од Америка. Според изворите на „Слободен печат“, Алабаковски бил уапсен вчера во вечерните часови во неговиот дом во Битола, а во рамките на истрагата и утврдувањето на идентитетот на сторителот, полицијата претходно направила целосна реконструција на движењето на осомничениот, почнувајќи од видео записот од пред КЦ „Иван Михајлов“ и пред другите објекти каде се движел осомничениот по подметнувањето на пожарот.
По пишувањата во медиумите, прашан од новинарите дали се работи за Ламбе Алабаковски, министерот Спасовски повторно не го откри името, но ги повтори иницијалите Л.А. и дека лицето живее во Битола.
„Имаше опсежна активност на СВР Битола се преземаа многу активности, многу службени разговори се обавени, прегледан е многу материјал од видео надзор не само од објектот, туку и на повеќе објекти и на основа на сите податоци и информации дојдовме до сторителот на ова кривично дело“, изјави Спасовски, кој денеска е во работна посета на СВР Охрид.
Појасни дека доцна синоќа по наредба на надлежниот суд, по предлог на СВР Битола и надлежниот обвинител, извршен е претрес во домот и во неколку други објекти, што се сопственост на сторителот на кривичното дело и пронајдени се облеката и други предмети што се доведуваат во врска со кривичното дело.
„Имаме несоборливи докази, лицето е приведено во полициска станица и во моментот очекуваме дека ќе биде извесен пред надлежниот судија на претходна постапка“, рече Спасовски.
Инаку, како што информираше МВР, против сторителот е поднесена кривична пријава по член 288 став 1 од кривичниот законик. Станува збор за кривично дело предизвикување општа опасност за кое е предвидена затворска казна од 6 месеци до 6 години:
„Тој којшто со пожар, поплава, експлозија, отров или отровен гас, јонизирачко зрачење, моторна сила, електрична или друга енергија или со друго општоопасно дејство или средство ќе предизвика значителна опасност за животот или телото на луѓето или за имот од големи размери, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години“, стои во став 1 од членот 288 од Кривичниот законик.