Вакви паркинзи се отворени во Германија, во местото Триберг, по што претставничките од понежниот пол реагираа инстантно…
Причината за таквата одлука на властите во градот Триберг е сложеноста на самите паркинзи, каде што со маневрирање на автомобилите можат да се справат само претставниците на посилниот пол. Оваа одлука веднаш предизвика бурни протести кај жените, а веќе се дискутира и за можни судски постапки.
„Машките“ места за паркирање се означени со посебен знак и на нив немаат право да паркираат жени. За да се „спасат“ од ситуацијата, авторите на оваа идеја објавија дека во случајот не станува збор за дискриминација на послабиот пол, туку за рекламна кампања.
Идејата за вакво нешто е на општинскиот службеник Галус Штробел. Според него, има доволно места на кои жените можат да ги оставаат своите автомобили. А, означени само за мажи се само неколку такви места, на кои за да се паркираш, треба да направиш неколку сложени маневри.
„Нема место за паника, она што го посакувавме го постигнавме, предизвикавме реакција од понежниот пол. На крајот сепак се работи за една шега, која „не сакајќи“ навреди некои дами. Кој може нив да ги натера да не се обидат да паркираат на „машките“ места, познавајќи го нивниот карактер тоа и ќе го сторат. Казни за такво нешто нема!“ вели Штробел.
Според претставници на феминистичките организации во случајов, шега или не, станува збор за чиста провокација, која мора веднаш да биде дадена на суд. Дамите се категорични дека по ништо не отстапуваат од мажите зад управувачот и доказ за тоа се осигурителните компании во Европа. Тие нудат секогаш пониски цени за жените, бидејќи тие возат повнимателно, паркираат подобро и причинуваат помалку несреќи, тврди статистиката.
Интересно, на друга локација во Германија веќе подолго време има места за паркирање само за жени, кои се означени со посебен знак. Тие обично се на големите градски плоштади, добро осветлени и се наоѓаат под постојан видео надзор. Тоа се прави за да може органите за безбедност брзо да реагираат при евентуален напад врз претставничките на послабиот пол. Зарем мажите реагираа на ова?!
Објавено во соработка со Авто Плус.