Од некоја стварно мистериозна причина, ретко кој во САД сака да си го крсти детето Доналд.
Според официјалните податоци, објавени во петокот, името Доналд доживува сериозен пад и стигна до ново најниско ниво на листата на најпопуларните имиња за новороденчиња преку океанот. Името, кое сосема случајно го носи и актуелниот претседател на САД – Доналд Трамп, во 2015-та беше рангирано на 443-тото место по популарност (што и не е така импресивно), но минатата година доживеа пад од 45 места – до 488-мата позиција.
Трендов има уште една чудна симболика со американскиот претседател – Доналд Трамп е токму 45-от претседател на САД.
Ако ништо друго, Доналд (таткото) и Доналд (Јуниор) можат да бидат задоволни што нивното име не е со најголем пад – таа титула му припаѓа на машкото име „Џона“, со пад од 475 места во рангирањето (колку имиња имаат ова Американциве бе, аман).
Листата на популарност на имињата има уште една необјасниво чудна поврзаност со Доналд Трамп. Името на телевизиската ѕвезда Кејтлин Џенер (порано Брус Џенер, дап) – која е поддржувач на Трамп, исто така живее тешки времиња. Нејзиното, и уште три варијации на истото (според спелингот), се женските имиња со најголем пад во рангирањето. Првите четири места по пад на популарноста се Caitlin, Caitlyn, Katelynn и Kaitlynn.
Во 2016 година вкупно 621 деца се крстени Доналд. Од вкупно 320 милиони Американци.
Во меѓувреме никој не се обидува да одгатне на што се должи падот на популарноста на имињата Кејтлин и Доналд. Едноставно, мистеријата е преголема.