Ова се заклучоците што СДСМ ги предлага за францускиот предлог

Координаторот на пратеничката група на СДСМ – Јован Митрески, денеска изјави дека како пратеничка група поддржана од пратениците од владејачкото мнозинство предлага заклучоци за заштита на јазичните, идентитетските, културни и историски посебности на македонскиот народ и спроведување на процесот на преговори со ЕУ, потенцирајќи дека се водат од врвните национални државни интереси, стратешката определба за членство во ЕУ со целосно заштитен македонски јазик, идентитет и посебност.

Појаснувајќи ги заклучоците, на денешната прес-конференција во Собранието Митрески посочи оти се задолжува Владата преку државната делегација за преговори со ЕУ доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ за елементи за кои не се преговара со ЕУ. Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа почитувајќи ги нормите на меѓународното право со безрезервно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ, како и во целосна согласност на Резолуцијата усвоена од Собранието на 29 јули 2021 година.

„Се задолжува Владата во преговарачката рамка македонскиот јазик да биде наведен без какви било објаснувања, додавки или фусноти. Се задолжува Владата при склучувањето на какви било договори, спогодби, документи со ЕУ кои содржат јазична одредба со поименично наведување на сите официјални јазици на ЕУ како што е Договорот за соработка со ФРОНТЕКС и истите да се потпишат со поименично наведување на македонскиот јазик без какви било објаснувања, додавки или фусноти“, образложува Митрески.

Владата, како што додаде, се задолжува и во текот на преговорите за пристапување се до нивното завршување со склучување на Договорот за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ и по приемот во полноправно членство во ЕУ Владата нема да прифати за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа наведено во преговарачката рамка. Со приемот во полноправно членство во ЕУ македонскиот јазик да стане еден од службените јазици на ЕУ без какви било објаснувања, додавки или фусноти.

„Се задолжува Владата билатералните прашања поврзани со билатералните договори за добрососедски односи кои не се директно поврзани со правото на ЕУ и со Копенхашките критериуми за членство да не бидат одреденици од кои ќе зависи отворањето и затворањето на поглавјата и кластерите во текот на пристапните преговори со ЕУ. Преговарачката рамка да се усвои веднаш на почетокот на преговори со ЕУ. За одржување на првата меѓувладина конференција за отворање на пристапните преговори и скрининг процесот и следната меѓувладина конференција за комплетирање на преговарачката рамка на преговорите согласно Предлогот на француското претседателство со ЕУ да се донесат одлуки веднаш за да истите не зависат од донесување на дополнителни одлуки од страна на земјите членки“, посочи Митрески.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

Додаде дека се задолжува Владата горенаведените заклучоци да ги вгради во отворачката изјава на Република Северна Македонија на првата меѓувладина конференција со ЕУ.

Се задолжува Владата, рече тој, редовно и континуирано да го информира Собранието за текот на пристапните преговори, вклучително и процесот на скрининг како прва отворачка фаза на пристапните преговори, како и за одвивање на меѓувладините конференции за пристапување на Северна Македонија во ЕУ.

„Време е за одлука. Преку усвојување на заклучоците кои ќе бидат задолжителни за сегашната, но и за секоја идна влада да се обезбеди европскиот пат на земјата со безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ за кои во ниту еден момент не се преговара никогаш никој не може и не смее да преговара. Сите пратеници да се вклучат во процесот на носење на заклучоците, да дадат свој придонес во работата на Собранието поаѓајќи од стратешките национални интереси за членство во ЕУ, да ја задолжи Владата да ги продолжи разговорите со ЕУ со цел да се деблокираат евроинтеграциските процеси и да се усвои преговарачката рамка со вградени европски принципи и стандарди, како и Копенхашките критериуми за членство согласно со спецификите и постигнатите резултати“, заклучи Митрески.

Одговарајќи на новинарско прашање, Митрески рече дека и оваа Влада и секоја следна влада мора да ги почитува овие задолженија, овие заклучоци коишто денеска како Собрание им ги даваат ним.

„Ако не – не смее да постапи никако спротивно од ова што ние денеска го кажуваме за посебноста на македонскиот народ, за македонскиот јазик, за историјата, културата и за се она што значи посебност на македонскиот народ. Со ова ја задолжуваме Владата да не смее да излезе надвор од се ова што го имаме кажано како заклучок и што треба да го усвои Собранието. Впрочем, ако овие прашања стануваат проблем, тогаш преговорите не може да продолжат“, рече Митрески.

Ако оваа Влада и која било следна влада не ги почитува овие заклучоци, Митрески вели дека не може да продолжи понатака.

„Оваа одлука која што се носи е одлука за да влеземе во процесот на преговори. И уште еднаш кажувам дека овие преговори нема да завршат денес, и тие ќе траат низ годините. Ние сме спремни за се што значи почитување на ова што го предвидуваме како заклучок како и да го дефинираме со други зборови“, рече Митрески.

МИА

- Реклама -