Остин: САД не се во војна со Русија

САД не се во војна со Русија, изјави синоќа американскиот министер за одбрана Лојд Остин на брифинг за новинарите, прашан за загриженоста од наводната употреба на американски воени возила од страна на милитантите кои го нападнаа пограничниот руски регион Белгород и дали тоа Москва би го искористила како причина директно да ги вовлече САД во војната.

„Ние не сме во војна со Русија. Ова е борба на Украина. Нашата цел е да се осигураме дека правиме сѐ што можеме да се осигураме дека Украина е успешна“, изјави Остин.

Началникот на Здружениот генералштаб на воените сили, Марк Мили, кој учествуваше на брифингот, рече дека САД одамна барале од Украина да не употребува американско оружје на руска територија и го повтори ставот на Остин дека САД и НАТО не се во војна со Русија.

Прочитајте и:  „Џон Болтон беше лудак, Путин и Ким Џонг Ун се исплашија од него“, вели Трамп, смета дека може да ги раздели Русија и Кина

„Можам да кажам дека ги замоливме Украинците да не употребуваат опрема набавена од САД за директни напади во Русија. Ова е украинска војна, не војна меѓу САД и Русија. Не е војна меѓу НАТО и Русија“, изјави Мили.

Претходно и советникот за стратешки комуникации во Белата куќа – Џон Кирби, како и генералот Мили, изјави дека на Киев му било јасно ставено до знаење дека САД не поддржуваат употреба на американско оружје и опрема во акциите на Украина на руска територија.

Извор: МИА

- Реклама -