Османи: Згрешивме што дозволивме лажните вести за коронавирусот многу да се прошират меѓу граѓаните

Анализите за тоа како дојде до новиот пораст на бројот на заразени треба да биде оставена за подоцна, а сега најважно е да се спречи понатамошно ширење на вирусот, рече во вчерашното гостување во „Топ Тема“ на „Телма“ вицепремиерот и шеф на владиниот кризен штаб за справување со корона вирусот – Бујар Османи, кој признава дека и самиот бил „исклучително загрижен и вознемирен“ уште првиот ден кога ги видел зголемените бројки. Утешен факт е, истакна, што поголем дел од нив се од помал број семејства и познати се кластерите.

Сепак, Османи призна дека е направена грешка во справувањето со пандемијата и токму таа грешка ја посочи како една од можните причини за зголемениот број на случаи:

„Ако нешто погрешивме во врска со пандемијата тоа е дека дозволивме теориите на заговор и лажните вести многу да се прошират кај граѓаните“, рече тој, додавајќи дека ако Комисијата за заразни болести (на чии заклучоци и препораки, истакна, тој како политичар никогаш не ѝ контрирал) и Кризниот штаб нешто научиле од кризата – тоа е дека колективните мерки не можат да бидат ефикасни како индивидуалните мерки:

„Доколку некој не верува дека маската го штити, тој ќе ја носи само кога ќе види полицаец, потоа ќе ја извади. Не може полицаец да ја чува секоја врата и да го чува секој човек“, истакна Османи во „Топ Тема“.

Османи оцени дека политичките партии требало да допрат до граѓаните за да им ја објаснат опасноста од ваквите лажни вести и смета дека веднаш треба да се почне со многу повеќе работа на индивидуалната како и колективната свест на  граѓаните, преку објективни факти и прецизно презентирање на основаните стравови од коронавирусот, со цел да се спречи ефектот на лажните вести кои се обидуваат да ја злоупотребат психологијата на луѓето.

Според Османи, државата ги презела сите можни рестриктивни мерки и тоа хронолошки најрано од сите, а најголемиот дел од граѓаните ги почитувале.

„Сепак, ако граѓаните не веруваат во опасноста од Ковид-19, тогаш ниту една мерка не дава резултат“, рече тој.

 

- Реклама -