„Северна Македонија направи силен пробив на светската политичка сцена во 2023 година, а нашиот глас беше слушнат од Ванкувер до Владивосток. Оваа позиција можеме да продолжиме да ја градиме и во новата 2024 година со заедничка истрајност, единство и посветеност на напредокот“, истакнува министерот за надворешни работи и претседавач со најголемата светска регионална безбедносна организација ОБСЕ, Бујар Османи, во своето новогодишно обраќање до граѓаните.
„Под наше раководство, со јасна визија и многу посветеност, успеавме да ја зачуваме ОБСЕ во исклучително сложен услови и војна во регионот на организација“, нагласува Османи. Според него, тоа не било триумф само за земјата, туку и победа на разумот и важен момент за стабилноста на целиот регион.
Успехот за државава од Претседавањето со ОБСЕ, според Османи, е заслуга на сите граѓани кои, како што вели, демонстрираа единство и докажаа дека иако сме мала земја може да се носиме и со најсериозните предизвици.
„Позицијата на Северна Македонија во светот се зајакна, а нашата посветеност на меѓународната соработка нè донесе поблиску до сојузниците кои ја споделуваат нашата визија за подобар свет“, констатира Османи.
Во следната година, вели, останува предизвикот на усвојување на уставните измени и одлучно продолжување на патот кон Европската Унија, што, според него, ќе биде уште еден храбар чекор кој треба да ја обликува нашата иднина.
Министерот за надворешни работи упати и порака до опозицијата, која, како што вели, го блокира последниот процес на овој пат – уставните измени.
„Денес, Северна Македонија е поблиску до Европската унија од кога било и ова е резултат на нашата визија, посветеност и желба за просперитетна иднина. Возот кон ЕУ нема да запре и силно верувам дека следната година ќе ги надминеме блокадите кои ги создава опозицијата. Верувам затоа што знам дека мнозинството граѓани сакаат да завртат лист и станат дел од силното и поврзано европското семејство“, вели Османи.
Посакувајќи им на граѓаните нова година исполнета со мир, благосостојба и мигови поминати со најблиските, тој повика на заедништво во „следното поглавје за државата“ преку почитување на вредностите – правда, единство и просперитет.
Османи, инаку, снимил и објави две посебни видеа, во едното говори на македонски, а во другото на албански јазик.