Османи: Може да очекувате разговори за иднината на државата кои што ќе бараат согласност и од втората по големина етничка заедница, и ќе мора да одат преку легитимниот претставник

Кои било разговори кои што бараат согласност од албанската заедница, мора да се одвиваат преку легитимниот претставник. Може да очекувате разговори за иднината на државата кои што ќе бараат согласност и од втората по големина етничка заедница, ќе мора да оди преку легитимниот претставник, изјави министерот за надворешни работи во техничката влада, Бујар Османи.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со поддршката на Демократската унија за интеграција (ДУИ) за измените и дополнувањата на Законот за организација и работа на органите на државната управа, Османи рече дека во името на Албанците зборуваат само тие што се изгласани со мнозинство гласови.

– Најважно е прашањето на легитимитетот, легитимитетот е срцето на рамковниот договор. Основата на договорот од 2001 и било кое прекршување на легитимитетот е во основа рушење на рамковниот договор, рече Османи на денешната прес-конференција по повод завршните настани од претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).

Според него, рамковниот договор обезбедил Северна Македонија да биде функционална мултиетничка демократија.

– Ставот е тој и тој став го знаат и тие што од легален аспект ја проценуваат ситуацијата, и тие што политички ја проценуваат ситуацијата. Дека сржта на рамковниот договор е легитимитетот, почитувањето на волјата на заедницата, дополни тој.

Османи рече дека мајоризацијата била ситуација пред 2001 година, и тоа, според него, довело до договор во кој заедниците се договориле дека во мултиетничка држава мора да се почитуваат заедниците, нивната волја и дека нема да се дозволи мајоризација и етничка хегемонија на една заедница врз другите заедници.

Прочитајте и:  Вреди: Клопчето се одмотува - фамилијарните скандали први на тапет

– Придобивките од рамковниот договор, правичната застапеност итн, тоа се резултати, но срцето е почитувањето на волјата на заедниците. Тие што ја разбираат тежината на рамковниот договор знаат дека ова е сериозна грешка со последици врз функционалноста на меѓуетничката заедница, дополни тој.

Османи потенцираше дека механизмите на рамковниот договор не се однесуваат на мнозинската заедница.

– Бидејќи мнозинската заедница ги има бројките сама да си ја помести ситуацијата. Еве, сега решија да дадат апсолутно мнозинство на една политичка партија. Тие механизми се донесени за немнозинските заедници, да не бидат мајоризирани. Оттука, погрешна е таа логика дека не била испочитувана во 2017 година. Тие механизми се исклучиво донесени за да не се дозволи ситуација во која една етничка заедница ќе ја определи волјата на останатите преку бројки, образложи министерот, дополнувајќи дека затоа е донесен Бадентеровиот принцип.

Во врска со прашањето за изјавите на мандаторот, Христијан Мицкоски, дека има одредени дипломати кои работеле за индивидуални интереси, или против државните интереси, Османи одговори дека има служби во собранието кои ќе ја констатираат состојбата.

– Не би зборувал во име на сите дипломати, има повеќе од 500 дипломати кои се распоредени во светот, дали некој од нив може да има некоја лична агенда, затоа има служби во Собранието кои ќе констатираат состојбите и ќе ги информираат институциите, рече тој.

- Реклама -