Османи: Како што јас го штитам македонскиот јазик, така македонските политичари да го штитат албанскиот

Барањето на албанскиот блок да се избрише „јазик што го зборуваат над 20 проценти“ и во Уставот да стои само „албански јазик“, не треба да биде албанска етничка агенда, туку на сите политички партии, смета министерот за надворешни работи Бујар Османи.

„Не сум наишол на отпор од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ за промената на ’20 проценти’, тогаш зошто ова да се претвори во трка или анимозитет помеѓу политичките партии на македонскиот блок?“, изјави Османи во одговор на новинарски прашања по прес-конференцијата во Скопје по средбата со потпретседателот на Владата и министер за надворешни работи на Република Казахстан, Мухтар Тлеуберди.

Според Османи, колку што имаат интерес албанските, толку имаат и македонските политички партии од промената на формулацијата бидејќи, како што оцени министерот, ова довело до демографска трка во минатото.

„Како што јас го штитам и го бранам македонскиот јазик, политичарите од македонскиот блок треба да го бранат албанскиот јазик во Уставот“, рече Османи.

Според него, прашањето за формулацијата „20 проценти“ нема потреба да се претвора во етничка агенда и да се става во контекст на Европската унија, бидејќи, како што рече, никој не смее да ја условува интеграцијата со какво било договорање и интересот на албанските политички партии не може да биде во противречност со евроинтеграциите.

„Грешка е кој и да е да го условува европскиот пат со какво било друго барање. Интересот на албанските партии не може да биде во противречност со интересот на интегрирањето во ЕУ и тоа претставува и стратешка грешка и многу штетна, доколку кој било би се обидел да го условува европското интегрирање со какво било друго прашање, било и да е и на етничка основа“, порача Османи, додавајќи дека тоа не би било добра порака што би ѝ ја испратиле на Европа и на меѓународните партнери.

Прочитајте и:  Османи: Преспанскиот договор е повеќе од договор за името, тоа е договор за стратешка соработка

Прашањето за албанскиот јазик, смета тој, треба да биде рефлексија на политичката зрелост на општеството. Според Османи, дошло време за овие прашања од 2001 година, во нормален процес и со политичка зрелост да се направи исправка.

„Доколку е вака, зошто сега да се занимаваме со ова прашање, да го претставиме ова како етничка агенда, дека некој сака да направи концесија кон нас и врз нас. Ние не бараме концесија од никого, но сметаме дека редно време е ова да се уреди и да се реши како прашање, бидејќи во тоа време можеби јавноста не била сензибилизирана, но сега ситуацијата е промената, луѓето веќе сфатиле дека ваков вид на отпор од страна на македонската заедница во тоа време бил беспотребен, бидејќи со тоа само се предзвикала демографска трка и треба да биде случај и предлог на политичките партии на Македонците“, заклучи Османи.

Извор: МИА

- Реклама -