Министерот за надворешни работи и функционер на ДУИ – Бујар Османи, демантира дека се преговара за промена на химната.
Фокусирајќи се на дел од медиумите кои пренесоа дека Ахмети рекол дека „се преговара“ наместо дека „се разговарало“, во вчерашното гостување во „Клик Плус“ на „ТВ21“, Османи демантираше дека Ахмети рекол такво нешто и оцени дека медиумите несериозно ја пренеле неговата изјава. Во изјавата, посочи Османи, Ахмети едноставно евоцира разговори кои се воделе пред 20, 30 години, кога се разговарало за новото знаме, за химната и за грбот. „Нели имаше промена на грбот на државата пред 10-тина години“, потсети тој.
Сепак, иако министерот подвлече дека нема преговори за промена на државните симболи, не се двоумеше да посочи дека голем дел од граѓаните не се пронаоѓаат во „Денес над Македонија“.
„Очигледно е дека прашањето на химната не е инклузивен елемент во државата и тоа го чувствувате, еве на спортските натпревари кога сѐ нѐ спојува, буквално сѐ нѐ спојува, освен химната, каде што еден голем дел од граѓаните – сега не зборувам како министер туку како претставник на ДУИ и Албанците – не се гледаат внатре, не се спомнуваат, не се чувствуваат“, рече Османи.
Штета е што е така, затоа што „градиме едно општество на коешто ни завидуваат“ и „создадовме, направивме една таква функционална мултиетнична демократија којашто станува пример не само во регионот, туку и пошироко“, додаде тој.
Од друга страна, она што Османи не го адресираше е она што најмногу предизвика реакции, а тоа е делот од изјавата во кој Ахмети вели дека нема некаков посебен отпор против промена на химната и дека тоа е само прашање на време.