Османи: Граѓаните не се вознемирени од позитивната одлука на ЕУ за Украина, туку од неодговорните политичари кои ја повторуваат грешката од Букурешт во 2008-ма

Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека со неусвојувањето на потребните уставни измени се ризикува на земјава да ѝ се повтори грешката од Букурешт 2008 година, овојпат со заглавување на евроинтегративниот пат.

Во утринското интервју за „Слободен печат“, Османи ја коментираше и поздрави геополитичката одлука на Европската Унија за почеток на преговори со Украина, при што оцени дека граѓаните на земјава не се вознемирени од позитивната одлука на Унијата за Украина, туку од политичарите коишто со неусвојувањето на потребните уставни измени ризикуваат, како што вели, повторување на грешката на Букурешт 2008 година.

Според Османи, тоа ќе значи ново долгорочно заглавување на државата на евроинтегративниот пат и во однос на најважните прашања за граѓаните: стандардот, одлуката дали ќе останат овде или ќе заминат надвор, работните места, платите, здравството, образованието.

„Паметните учат од туѓите грешки, непаметните од своите. Ние се доведуваме во ситуација каде ни од своите грешки не учиме. Дозволуваме повторно едни темни сили – националистички, да ни ја киднапираат иднината заради лични агенди. Јас сум сигурен дека подоцна ние ќе најдеме решение бидејќи времињата не се од Букурешт 2008 година, но теоретски ризикот е ние уште една декада да изгубиме“, истакна Османи, повикувајќи ги опозициските партии, како што вели, да не останат индиферентни во овие критични времиња за иднината на земјата и да мислат за следните генерации наместо за следните избори.

- Реклама -