Османи: Албанците биле и ќе бидат важна позитивна сила за постигнувањето на евроатлантските аспирации

„Северна Македонија и Косово имаат значајно место со својата активна улога во напорите за постигнување трајна стабилност, добрососедство и економскиот просперитет. Двете држави не се само географски блиски, туку и имаат иста визија за иднината. Билатералната соработка е зајакната во многу области, но секогаш има простор за нејзино надоградување“ – ова е заклучокот од средбата меѓу шефот на државата Стево Пендаровски и неговата косовска колешка Вјоса Османи Садриу.

„Разменивме мислења и информации за актуелните теми од билатералните односи, за состојбите внатре во двете земји, за нашата актуелна и идна економска соработка, како и за регионалните прашања и европските интеграции кои за жал се одвиваат под притисок на негативните ефекти од руската инвазија врз Украина. Констатиравме дека заедничката иднина на двете држави во евроатлантските структури е влог во натамошна стабилизација и просперитет на регионот на Западниот Балкан“, рече Пендаровски на заедничката прес-конференција со Османи.

Тој ја реафирмираше поддршката за евроатлантските аспирации на Косово, потенцирајќи дека земјава е подготвена да ги сподели своите искуства во однос на реформските процеси како на патот кон ЕУ, така и во однос на членството во НАТО.

„Ја поддржуваме одлуката на ЕУ за визна либерализација за Косово и активно го поддржуваме учеството на Косово во различните регионални и континентални формати на соработка. Неизбежна тема беа и односите на Косово со Србија, при што го реафирмирав нашиот став по ова прашање, а тоа е дека го поздравуваме постигнатиот договор за прифаќање на предлогот на ЕУ за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, чија што имплементација ќе придонесе за мирот, стабилноста, безбедноста и развојот не само на нашите соседи, туку и на регионот во целина“, нагласи Пендаровски.

Тој изрази благодарност до Белград и Приштина што се согласиле важна сесија од нивниот дијалог да се одржи во Македонија.

„Тоа само ја потврди принципиелната политика која ја водиме и која во изминативе години, преку компромисите што ги направивме, ја засили внатрешната кохезија на македонското мултиетничко општество, придонесе за регионалната стабилност и ја врати земјата во виталните институции на западната Алијанса по долги години самонаметната изолација“, оцени Пендаровски.

„Подготвени сме и во својство на актуелни претседавачи со ОБСЕ да го помогнеме овој процес особено во фазата на имплементација на одредени делови од постигнатиот договор, во согласност со двете инволвирани страни“, додаде шефот на државата.

Прашан за став околу Заедницата на српските општини, Пендаровски рече дека државава не зазема страна во тие преговори.

„Тоа е разговор помеѓу две држави за целосно заокружување на меѓународниот правен статус и политички статус на Косово. Во Охрид ние бевме само домаќини, се надевам добри домаќини. Она што ние можеме, без да им го кажуваме директно на нашите косовски и српски пријатели, е примерот што ние го даваме на целиот регион и пошироко, и искуствата кои ги имаме во изминатиот период. Компромисите кои ги направивме. Северна Македонија има и ќе продолжи да има еднаков однос и кон Србија и кон Косово. Ние ги признаваме двете држави, имаме амбасади во двете држави. Тие имаат амбасади, имаме целосно дипломатски односи, така што нема намера да заземаме страна“, рече Пендаровски.

Прочитајте и:  Курти - Мицкоски: Министрите за правда работат на решавање на екстрадицијата на Демири и Исмаиловиќ

Финалната одлука за тоа што ќе прифатат во тој дијалог, во тие разговори е на легитимните органи во Приштина и во Белград, подвлече тој.

„Ние сме тука само добри комшии кои би сакале што е можно побрзо да видат крај на долг спор кој објективно ја успорува регионалната соработка која е многу значајна подготовка за целосно интегрирање во евроатлантските структури“, додаде.

Како што информираше, на средбата со косовската претседателка разговарале и за можностите за унапредување на правата на Македонците во Косово, во време кога, како што рече, „за жал некои странски пропаганди се повторно активирани“.

„Во таа насока наша заедничка цел е зближување на граѓаните од двете страни на границата и олеснување и интензивирање на прекуграничната соработка“, нагласи Пендаровски.

Косовската претседателка Османи, од своја страна, изрази благодарност за поддршката на Северна Македонија за Косово и за гласот што државава го даде за Косово во Комитетот на министри во Советот на Европа.

„Косово и Северна Македонија не се само географски блиски, но се и држави кои имаат иста визија за иднината. Од почетокот на билатералните односи имаме добар напредок во билатералната соработка во многу области. Имаме над 40 билатерални договори и многу меморандуми меѓу министерствата, како и иницијативи со кои ќе се потпишуваат нови меѓународни договори“, рече Османи.

Таа истакна дека е почестена што е во држава која, како што рече, многу нејзини сонародници ја нарекуваат своја земја.

„Освен во придонесот на Албанците во изградбата на институциите на Северна Македонија, Албанците биле и ќе бидат важна позитивна сила за постигнувањето на евроатлантските аспирации. Важно е да има поддршка на Албанците во Северна Македонија во сите сфери на општеството, како еднакви граѓани кои придонесуваат во напредокот на Северна Македонија. Во секоја држава, унапредувањето на правата на граѓаните е столб на демократијата на секое општество“, порача таа.

Косовската претседателка оцени дека двете држави се посветени на унапредување на мирот и стабилноста на регионот, во којшто, како што рече, сѐ уште има предизвици и иницијативи за дестабилизација.

„Нашите земји се на страната на демократијата на народот на Украина којшто е под инвазија на Русија. Сите земји од Западен Балкан треба заедно да работат против негативното влијание на Русија во регионот“, оцени Османи.

Прашана за коментар за случувањата во северниот дел на Косово, таа рече дека косовскиот Устав бара сите граѓани да се еднакви пред законите.

„Тоа значи дека тие што не го почитуваат треба да се соочат со последици. И во оваа смисла сите обиди на нашите безбедносни институции кои се во согласност со највисоките демократски стандарди е да се воспостави редот и мирот на северот на Косово. Ова опфаќа стотици акти за борба против корупција и високиот криминалитет што го има на северот на Косово организиран од криминалните групи што се на црната листа на САД“, рече таа.

Пендаровски и Османи, по заедничката средба, положија венци на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.

Утре таа ќе престојува во Тетово, каде што ќе се сретне со тетовскиот градоначалник Билал Касами.

Извор: МИА

- Реклама -