Орбан: Парите за Украина не смеат да се земаат од буџетот на ЕУ

Унгарија смета дека парите на ЕУ за Украина не смеат да се земаат од буџетот на ЕУ и дека треба да се одреди „разумен“ временски рок за секое финансирање на Украина, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.

„Убеден сум дека давање на Украина 50 милијарди евра од буџетот на ЕУ во текот на пет години… е лоша одлука“, рече Орбан на прес-конференција.

Сите земји-членки на ЕУ, освен Унгарија, минатата недела се согласија да отворат пристапни преговори со Украина и покрај руската инвазија, донесувајќи ја одлуката додека Орбан накратко ја напушти салата на самитот. Орбан потврди дека германскиот канцелар Олаф Шолц предложил такво решение.

Но, европските лидери не можеа да го надминат отпорот на Орбан при ревидирањето на буџетот на ЕУ за да се одвојат 50 милијарди евра за Киев и да се обезбедат повеќе пари за други задачи како што е управувањето со миграцијата. За ова прашање треба повторно да се разговара на вонредниот самит на 1 февруари.

Прочитајте и:  Туск: Војната во Украина влегува во одлучувачка фаза, заканата од глобален конфликт е сериозна и реална

„Тие сакаат да и дадат пари на Украина од буџетот на ЕУ, Унгарија сака да ги даде надвор од буџетот на ЕУ. Тие имаат опција – ако не се согласиме – да го решат тоа надвор од буџетот, но немаат опција да го решат од буџетот на ЕУ без унгарска согласност“, рече Орбан.

„Имаат можност 26 земји членки да го решат тоа со заеднички заем надвор од буџетот“, додаде тој.

- Реклама -