Европското оддел на General Motors – Opel, планира да ја збогати својата палета со сопствен електромобил, како евтин субкомпактен хечбек, кој ќе биде позициониран под популарниот Adam.
Информациите протекоа на средба на дел од босовите на Opel со дилерите на марката во Франкфурт. Од неа, станува јасно дека развојот на електричниот автомобил е сеуште во почетна фаза, но тој ќе е повеќе компактен и далеку поефтин од Chevrolet Volt и Opel Ampera. Засега други детали за проектот не се познати, но се претпоставува дека овој модел на Opel ќе треба да се справи многу полесно со строгите европски барања за штетните емисии, кои ќе стапат во сила во блиска иднина. Се претпоставува дека новиот електромобил ќе се појави на пазарот во 2016 година или најдоцна во 2017 година.
Другиот нов член на гамата на Opel најверојатно ќе е ребрендиран Chevrolet Spark, но од следната генерација на возилото. Станува збор за хечбек со пет врати, кој ќе се нуди по цена под 10.000 евра, а неговата задача ќе биде да се бори со VW Up! и новото Renault Twingo. Така GM ќе ја пополнат празнината на пазарот, која ќе се создаде со повлекувањето на Chevrolet од Европа кон крајот на 2015, тогаш ќе исчезне и споменатиот Spark.
Новата генерација на Spark ќе дебитира во пролетта следната година, а близнакот со амблемот на Opel најверојатно ќе биде официјално претставен на автомобилскиот салон во Франкфурт, на есен.