Оди него збори му за вегетаријанство: Олимписките диети на Мајкл Фелпс

phelps_getty[1]

Диетата на Мајкл Фелпс одамна има статус на легендарна. Најуспешниот олимпиец на сите времиња вели дека веќе не јаде количински како порано кога имаше 23 години, за време на Олимписките игри во Пекинг во 2008, ама… 

Пред Игрите во Пекинг, Фелпс консумирал 12.000 калории на ден. Секој ден. Во просек консумирал по 4.000 калории на еден оброк. Почнувал со сендвичи со јајца, со сите додатоци – сирење, пржен кромид, мајонез. Потоа палачинки со чоколадо, тостови, зрнеста закуска и кајгана со пет јајца (протеини, протеини, протеини). Ручекот вклучувал сендвичи со шунка и сирење, енергетски пијалоци и капак на сé -макарони. За вечера – цела пица. И уште половина килограм тестенини.

Ама ете, Фелпс не умре од болести, стокилаштво или од прејадување. Не, Фелпс освои рекордни осум златни медали.

До 2012, режимот на исхрана малку од малку му се нормализира, како што самиот изјавува за Men’s Health во тоа време. Но и тогаш калориите што ги внесува не се малку. Еве инфографик. И со оваа диета, Фелпс пак освојува четири златни и два сребрени медали, со кои во комбинација со претходните станува најнаградуваниот олимпиец во историјата (со ноќешните две први места, сега има 21 златен медал, вкупно 25).

Екстра калоричниот режим на исхрана генерално не е изненадувачки кај пливачите, со оглед на исклучителното големо количество калории кои ги согоруваат за само еден час во базенот. А во 2008 година, Мајкл Фелпс тренираше по минимум 5 часа на ден, 6 дена во неделата.

Сега Фелпс го има намалено распоредот на тренинзите на од 2 до 4 часа дневно, а неговата исхрана е слична на онаа од 2012 година.

Фелпс е обожавател на мексиканската кујна и љубител на скара – обожава хамбургери со печени ќофтиња и плескавици, колбаси и хот-дог, стекови и огромни количини пилешко на скара.

Општо гледано, во промената во исхраната на Фелпс се гледа дека е зголемен внесот на протеини и е намалено количеството на јаглехидрати. Што не значи дека Фелпс преминал на некаква нискојаглехидратна диета. Откако го освои 19-тиот златен медал во штафетата на 4 x 100 метри слободен стил, Фелпс рече дека делумно се вратил на старата диета – поконкретно на големите количини на паста/тестенини. 

„Мислам дека јадев пола кило шпагети, а не сум фан на шпагети”, рече тој. „Ги изедов насила.

Очигледно, јасни правила баш и нема. Прави тоа што треба да правиш и не дозволувај другите да ти диктираат темпо. Само така се добиваат животни медали.

 

- Реклама -