Обраќање на Арсовска: Ја побарав вашата поддршка без ниту една дамка во животот

Независната кандидатка за градоначалник на Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ – Данела Арсовска, денеска во писмено обраќање до граѓаните потенцира дека во изборната трка влегла и довербата на граѓаните ја бара без ниту една дамка во животот. Таа обвини дека нејзините противници, за разлика од неа, водат негативна кампања на која предмет на напади се нејзиниот татко, мајка, сопруг и дете, но нападната е и таа – како нечие дете, нечија сопруга, нечија мајка.

Арсовска истакна дека никој не смее да биде предмет на монтажи, фалсификати и продуцирани видеа и ги обвини градоначалникот Петре Шилегов и премиерот Зоран Заев дека сѐ што досега кажале е лага. Притоа, им се „закани“ дека ќе бидат победени.

Таа ги повика граѓаните да гласаат за неа и да стават крај на поделбите и на лошото менаџирање на градот (обраќањето во целост е на крајот од текстот).

Од СДСМ, пак, денеска на прес-конференција обвинија дека не само Данела туку „целото нејзино семејство има бугарско државјанство“, и притоа објавија нови документ за кои тврдат дека се уверението за државјанство и бугарска лична карта на сопругот на Арсовска, Ангел Арсовски. Според СДСМ, „Удостоверението“ на Арсовски е издадено во 2010 година, а бугарската лична карта е издадена еден месец пред бугарската лична карта на, како што тврдат, Данела, односно на трети април 2017 година.

Од СДСМ подвлекоа дека „во овој случај, не е важно Даниела како се чувствува, Северна Македонија е татковина за сите“, но дека проблемот е во тоа што „Данела Арсовска ги лаже граѓаните, има нечесен и неискрен пристап кон нив“.

„Очигледно Данела Арсовска долго време има длабоки врски со други држави, Унгарија и Бугарија“, оценија од СДСМ, додавајќи дека неискреноста на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ отвора и други многу сериозни прашања, како тоа за чии интереси таа работи.

* * *

Обраќање на Данела Арсовска:

Почитувани скопјани,

Последниве денови сме сведоци на силна црна кампања против мене и моето семејство. Еве на крајот од оваа кампања сакам да ви се обратам директно и искрено вам, дека јас, Данела Арсовска ја побарав вашата поддршка како човек без ниту една дамка во животот и таа поддршка ја добив.

Јас за разлика од моите противници не направив никаква негативна кампања за нив. Немам потреба од такво нешто, бидејќи локалните избори треба да бидат борба на идеи и проекти на ниво на градот. За жал овие избори некој ги направи извор на лажни вести и црни кампањи.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Арсовска не поднесе предлог буџет за 2025 во законскиот рок, на Град Скопје му се заканува целосна блокада

Најавија дека сега повторно ќе бидат предмет на напади мојот татко, мајка, сопруг и дете. Тоа е и напад врз мене како нечие дете, нечија сопруга, нечија мајка.

Никој не заслужува ваква црна кампања, никој не заслужува да биде предмет на монтажи, фалсификати и продуцирани видеа за да се исмеваат со некого. Никој во оваа земја не заслужува да биде понижуван и навредуван. Затоа што тој што тоа го прави покажува ароганција и слабост. Затоа што тој што тоа го прави сака да ги скрие своите криминали и да избегне одговорност.

Сега гледам право во нив, моите противници, бидејќи сега се двајца и градоначалникот во заминување и премиерот во заминување со порака – Ќе ве победиме! Готово е!

Сега јасно и гласно кажувам – се што кажавте досега е лага. И вие тоа го знаете, ама сакате да продолжите со вашата црна кампања бидејќи немате со што друго. Едниот мој противкандидат е познат по тоа што ги излажа скопјани и во 4 години оствари само 5% од ветените проекти. А другиот по тоа што континуирано се пазари со македонските национални интереси.

Јас кажав дека лажат, побарав извинување, а добив нови напади и закани за мене и моето семејство.

Сум победила многу пострашни битки во својот живот, а ќе победам и сега бидејќи не сум човек што се откажува.

Колку е само очајно и тажно наместо да се бориш со квалитет и проекти да се бориш со лаги. Една порака и до предводниците на црната кампања – треба да знаете дека скопјани го имаат последниот збор, добив илјадници пораки и повици за поддршка да не се откажувам бидејќи проектите за скопјани ќе победат а не црната кампања.

Драги мои Скопјани,

Мора да ставиме крај на поделбите.

Мора да ставиме крај на лошото менаџирање на градот.

Скопје заслужува повеќе од ова што сега му се случува.

На нивната омраза ќе одговориме со нова надеж, промени, добри дела и одговорна работа. Промените е тука, да се здружиме сите за модерно и поубаво Скопје.

Изборен штаб на Данела Арсовска, кандидат за градоначалник на Скопје

- Реклама -