Фотографии, за кои се тврди дека се скенирани од брошурата на новата генерација Toyota Prius, се најдоа на интернет просторот. Тие претставуваат два различни модели, а се наведува дека едниот е Prius Hybrid, а другиот Prius Plug-In Hybrid.
Според информациите конвенционалниот модел во сино е plug-In модификацијата. Дизајнот во многу нешта потсетува на водородната изведба на Toyota, моделот Mirai, а како се наведува на во некои од медиумите, четвртата генерација Toyota Prius е изградена на сосем нова платформа, која обезбедува поголеми димензии и помала тежина, во однос на претходникот. Се наведува дека должината на моделот е зголемена до 4.550, а широчината достигнува 1.770 милиметри. Актуелниот Prius е долг 4.480 и широк 1.745 милиметри. Висината од 1.490 mm остана непроменета. Новиот Prius Hybrid има вкупна маса од само 1.280 килограми, додека кај актуелниот таа достигнува 1.393. Во верзијата со можност за полнење од електричната мрежа – Prius Plug-In Hybrid, тежината е намалена од сегашните 1.435 на само 1.350 kg. Фотки од ентериерот нема, но се истакнува дека тој нуди повисок комфор.
Промени има и кај погонскиот систем. Тој се состои од бензински VVT-i мотор со зафатнина од 1,8 литри и моќност од 105 КЅ, кој работи во тандем со електричен мотор, кој развива 90 КЅ. Батеријата е Li-Ion, а трансмисијата – CVT. Вкупната моќност изнесува 150 КЅ. Кај Prius Plug-In Hybrid се користи истиот мотор, но во комбинација со батерија со поголем капацитет. Овој модел може да мине околу 50 километри само во електричен режим. Просечната потрошувачка на гориво е 1,42 литри на 100 километри. Кај Prius Hybrid таа изнесувае 2,5 l/100 km.
Претходно оваа година од Toyota соопштија дека премиерата на новиот Prius ќе биде пролонгирана за околу шест месеци. Моделот, сепак ќе се појави во октомври, на салонот во Токио, а на пазарите да биде достапен од почетокот на 2016 година.