Нема ништо криминално и ништо инкриминирачко во разговорот, но чудно е што снимката е објавена денес, ден откако осудениот за „Рекет“ Бојан Јовановски доби закана по живот преку неговиот адвокат Сашо Дуковски, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, откако денес, на Youtube профил под псевдоним „Рекет“, објавена е снимка со наслов „1“, а на која се слуша разговор меѓу Кичеец и Мицкоски кој сугерира дека лидерот на опозицијата се среќавал со Орце Камчев додека бизнисменот бил под ПИ мерки за случајот „Империја“ на СЈО.
„Тоа е истиот оној разговор што веќе беше објавен. Претпоставувам дека има уште еден дел што не верувам дека им одговара да го објават. Уште ова е тоа што излезе. Таму нема ништо криминално, нема ништо инкриминирачки. Ете ниски страсти, еден приватен разговор. Да, сум бил во болницата, и деновиве одам во болница, да не се мачат да пуштат разговори бидејќи таму е мојата мајка, ја посетувам, така што нека снимаат тие, нека следат“, вели Мицкоски за МИА во интервјуто што ќе биде објавено во недела.
Мицкоски, кој тврди дека е цел на следење, притоа ги охрабрува обвинителите и судиите да постапуваат по некои други разговори и видео снимки на кои, како што вели, се гледа „она што е инкриминирачко и криминално, противзаконско владеење“.
За Мицкоски е интересен и тајмингот кога се објавува снимката:
„Чудно, ова доаѓа еден ден после онаа закана која што ја доби еден адвокат за неговиот клиент – Дуковски, кој јавно кажа дека му се заканиле дека ќе го ликвидираат неговиот клиент ако премногу зборува. Она коешто струи во кулоарите во обвинителствоото е дека неговиот клиент Бојан Јовановски поднел неколку десетици кривични пријави против структурите на власта и приложил докази кои што се основани сомневања за сериозен сторен криминал од најгоре па сѐ надолу по вертикала“, вели Мицкоски.
Пред одговорот на Мицкоски, со првична реакција излегоа и од ВМРО-ДПМНЕ:
„Што ли толку впечатливо кажал Бојан Јовановски во новиот исказ пред Обвинителството, за власта толку да се засегне и толку панично да реагира и за едно обично одење во болница?“, прашаа од опозицијата.
Инаку, Мицкоски денеска преку видео-врска оствари средба со шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, на која се разговарало за актуелната политичка ситуација во Македонија и предвремените парламентарни избори, како и предизвиците околу пандемијата на Ковид-19. Меѓу другото, Мицкоски истакнал дека СДСМ е исплашена и нервозна поради претстојниот изборен пораз, па поради тоа преминува кон насилство. Како примери ги посочил бомбата фрлена пред дуќанот на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Владо Мисајловски, како и вербалниот напад од советникот на премиерот врз носителот на ВМРО-ДПМНЕ во шестата Изборната единица – Игор Дурловски.