
Зоран докажува дека за вистинскиот планинар нема граници, туку само нови предизвици и врвови што чекаат да бидат освоени!
Николов ги искачи следните врвови:
Чачани – 6.075 мнв
Ел Симблар – 5.350 мнв
Виникунка – 5.036 мнв
Пачамама – 4.120 мнв
Пачатата – 4.085 мнв
Вајна Пикчу – 2.681
Ќе посетиме дека претходните години Николов го искачи Елбрус (5.642 мнв), највисокиот врв во Европа, а меѓу неговите досегашни достигнувања се наоѓа и Аконкагва (6.962 мнв), највисокиот врв во Јужна Америка, како и бројни врвови во Киргистан, Алпите, Европа, Балканот и Македонија.
Од ПСК „Осогово“ велат дека се горди на нивните планинари и се горди на секој освоен врв.
„Тежнеам секогаш кон поголеми висини. Но секогаш немаме можности. Ова ми беше предизвик, но и да ги видам древните цивилизации. Тоа беше во комбинација со високогроство. Тоа што најмногу ме исполнува е искачувањето на едни од највиоските врвови во светот“, вели Николов за Нетпресс и додава:
„Целата експедиција беше околу 20 дена со планинари од Србија. Јас бев едниствен Македонец. Комбиниравме искачување со посети на историски локалитети, односно посета на сите делови на Перу, како Мачу Пикчу, езерото Титикака, пустината Ика каде што се вози релито Париз-Дакар, поради безбедносните причини“.
Тој раскажува дека како за почеток, односно подготовка за она што следува, се искачиле на Вајна Пикчу 2681 мнв.
„Тоа беше подготовка за следното искачување на врвот Виникунка 5037 мнв. Во непосредна близина на врвот се планините Ренбоу (Виножито). После тоа следуваше сместување во градот Пуно, кој е на езерото Тититака, пловно езеро на највисока надморска височина, на 3812 мнв, и е на самата граница со Боливија, истакнува Николов.
Зоран раскажува дека на езерото има острови, а еден од најголемите е Амантини, каде што искачиле два врвови, Пачамама (Мајката земја) 4120 и Пачатата 4105 мнв.
„Има многу убав залез на сонцето на ова место, нешто што само тума може да се доживее“, вели восхитено Зоран.
Оттаму се упатиле кон градот Арекипа, вториот по големина град во Перу, во чија непосредна близина се вулканите Мисти и Чачани.
„Во овие вулкани се влегува внатре во кратерот, а тоа е нешто прекрасно. Но прво, како подготовка, се искачивме Ел Симблар 5350 мнв. Од групата која броеше 14 луѓе само петмина луѓе ја искачивме. Тоа ни беше тест колку сме подоготвени за највисокиот врв Чачани.
Два дена траеше искачувањето на Чачани. Првиот ден стигнавме до 5000 метри, потоа спиевме во камп. Истата ноќ, после полноќ, тргнавме на освојување на највисокиот врв во таа околина од 6075 мнв“, вели Зоран.
По големите и храбри искачувања следи релаксирање со посетата на пустината Ика и враќање во Лима, на Тихиот Океан каде што освежуваат во немирните води.
„Среќен сум. Еден сум од малкуте што го направиле ова од Македонија. Мислам дека сум лидер на истокот“, раскажува со доза на возбуда и восхит, но и со јасна порака дека не застанува тука, туку предизвикот останува како вечен повик:
„Освојувањето на висините ќе го објаснам со зборовите на еден пријател кој вели: „Да ми даваат една соба со пари, нема да ги земам, ќе одам на планина“. Ова е нешто што најмногу го сакам во животот и сум горд на постигнатото. Се надевам дека ќе продолжам“.
Секако, како неизбежно прашање се наметнува освојувањето на највисокиот врв во светот Монт Еверст.
„Имам во план да освојам некоја 8-илјадарка (врв од 8000 мнв)“, категоричен е Николов, но тоа не зависи од неговата желба и физичка подготвеност, туку еден таков потфат чини многу пари, околу 50 илјади евра, кои со една плата не се обезбедуваат.
„За Аконгава имав 1.000 евра спонзорства од потрошени 5.000. Сега за оваа експедиција потрошив 4.000 евра, лично мои средства, Овој спорт не е поддржан, а ние сме големи амбасадори и секаде ја презентираме Македонија“, нагласува Николов.
Секое искачување е предизвик, но и ризик кој може да има кобен крај.
„Секое искачување над 5000 носи свои ризици, бара посебен пристап, дисциплина, менаџмент. Доколку не се следи сето тоа, исходот може да биде фатален“, истакнува Зоран.
Од многуте искачени врвови посебен впечаток му оставил највисокиот врв во Јужна Америка, Аконкагва, потенцирајќи дека со искачувањето на последниот камп на 4300 мнв Плаза ди Мулас, нагоре немало жив свет, ниту тревка ниту мува да прелета, како да се наоѓале на Марс.
Тој го препорачува планинарењето на сите.
„Планинарењето важи за спорт каде што примарно е дружењето, добриот однос кон себе и другите и љубовта кон природата. Ние сме чувари на природата и убавините. Сите нека пробаат да се придружат на група планинари, сами ќе си ги доловат убавините што им ги раскажуваме. Не е исто да видиш и да ти раскажуваат“, порача Николов.



