Нов концепт за авионски крила што ќе ја намали потрошувачката за 50%

wing[1]

Инженерите на НАСА и Боинг заеднички ги засукаа ракавите во обид да ги намалат штетните емисии на авионите, како и потрошувачката на гориво за 50%. Се чини дека добро им оди.

Нормално, крилата се заслужни за подигање на авионот, ама истовремено акумулираат и тежина. Што повеќе тежина, толку повеќе гориво и пари се потребни за да ги вивнат авионите во воздухот. За да се создаде ефикасен дизајн, мора да се задоволи идеалната пропорција меѓу тие два аспекта. Технологиите што моментално ги употребуваме веќе направија колку можеа, подобрувајќи го дизајнот на крилата преку инкорпорирање на полесни материјали, вклучувајќи титаниумски легури и карбонски фибер.

Меѓутоа, овие дизајни ја достигнаа најниската граница, каде веќе неколку години тапкаа во место и немаше изгледи дека ќе следат нови поголеми иновации. Но НАСА и Боинг фатија малку поинаков пат. Здружениот тим дизајнираше конструкција на крила со значително редуцирана тежина, навидум занемарувајќи го фактот што супер-лесни крила по правило значат намалена издржливост на авионот и загрозеност на структурниот интегритет на крилата и леталото за време на летот. Па, како им успеа?

Да се нарече иновативност е малку проблематично, не дека не е, туку зашто во случајов се имплементирани неочекувано основни техники. Таму некаде назад, во основите на инженерството, стои дека триаголниците се природно најцврсти структури. Користејќи го овој концепт, НАСА и Боинг воведоа аеродинамични дијагонални потпорни елементи кои ќе преземат голем дел од товарот и стресот што го доживуваат крилата. Притоа, намалената тежина на сеопштата конструкција на крилата ќе придонесе за отприлика 50-процентно зголемување на ефикасноста на леталата.

Потпорните елементи, како такви, се користат веќе долги години, но со рафинираната аеродинамика по заслуга на тимот, сега ќе бидат подобни и за поголеми летала, што ќе резултира со потенцијално огромни заштеди на гориво. На пример, крилото на Боинг 747 е тешко 43.090 килограми. Двете крила заедно – околу 90.000 килограми. Со оглед на фактот што целиот авион тежи 184.567 килограми, дури и мал процент на намалување на тежината на крилата може да резултира со енормно зголемена ефикасност.

Првичните успеси на новиот концепт се извонредни, но му претстојат уште низа тестови, со цел да се утврди колку всушност стрес ќе можат олеснатите крила да издржат, и дали можеби постои ризик при посериозни ситуации. Ако и тоа помине, тоа би требало да има огромен импакт на авиоиндустријата, особено преку драстично намалени цени на летовите. Би требало.

- Реклама -