Нов комби теренец од Subaru со седум седишта

Јапонците од Subaru претставија интересна SUV варијанта со седум седишта врз универзалната Exiga. Иновацијата го доби името Crossover 7, која  практично се јавува како сериска верзија на сличниот концепт, кој дебитираше на салонот во Токио пред две години.

Новиот комби-теренец располага со заштитна пластика на браниците, со црни лакови на тркалата и со помасивни прагови. Клиренсот исто е малку зголемен. Што се однесува до внатрешноста таму најважната карактеристика е присуството на седум седишта. Третиот ред седишта, како и вториот всушност, можат да се поместуваат во подот, па го чинат апсолутно рамен. Така се добива огромен и многу практичен багажен простор. Потпирачите за грб на предните седишта пак можат да се соборат целосно, формирајќи своевидна „спална соба“.

Овој теренец на Subaru е управуван од 2,5-литарски бензински мотор кој располага со моќност од 173 коњски сили. Максималниот вртежен момент на овој агрегат е 235 Nm, а трансмисијата е преку вариатор на сите четири тркала. Според податоците на производителот, просечната потрошувачка на гориво (градски/вонградски циклус) на новиот Crossover 7 е 7.6 литри на 100 километри. Продажбата стартуваат во месец мај, но во оваа фаза само на пазарот во Јапонија, а основната цена е 21.500 евра.

- Реклама -