Ферари го најави автомобилот кој ќе биде замена за 612 Скалиети и речиси е сигурно дека може да се очекува силна реакција од нивните најверни фанови. Новиот автомобил како и претходникот ќе има четири седишта и ќе биде најсилниот четворосед во историјата на автомобилите.
Ако тоа не беше доволно, дизајнот е стил познат како “shooting brake”, спој помеѓу караван и купе. Ново е и тоа што овој автомобил ќе биде првото Ферари со погон на сите четири тркала. Одтаму, името на новиот автомобил е FF (four-seater, four-wheel drive). Од Ферари очекуваат возилото да претстави целосно нов концепт на GT спортски автомобили. Дизајнот е на Пининфарина и треба да ги спои спортската динамика на брендот со „неверојатна корисност“.
Секако дизајнот несомнено ќе ги подели мислењата и иако новинарите кои имале шанса да го видат имале позитивни реакции, биле направени и споредби помеѓу овој дизајн и дизајнот на BMW M Coupe и Alfa Mito. Другиот новитет, погонот на четири тркала, бил додаден на дизајнот за да им обезбеди на идните сопственици контрола без разлика дали се на замрзната улица или на патека. Од Ферари велат дека FF ќе има ексклузивен и патентиран систем за погон на сите тркала кој е 50 проценти полесен од останатите но сепак одржува совршена распределба на тежината, со 53 проценти од тежината на задната оска.
Новиот мотор ќе биде шест литарски V12 мотор со моќност од 485kW (651 коњска сила). Перформансите се впечатливи за „практичен“ автомобил, Ферари тврди дека FF забрзува од 0-100 километри на час за само 3,7 секунди и има максимална брзина од 337 километри на час. Од компанијата велат дека во автомобилот можат удобно да се сместат четири лица и нивниот багаж, бидејќи на располагање имаат багажен капацитет од минимум 450 а максимум 800 литри. Првиот модел FF ќе биде претставен на женевскиот саем за автомобили кој ќе се одржи во март, а продажбата ќе започне во текот на оваа година. [The Ferrari of station wagons]