Норвежани ја тужат Tesla за измама

tesla

Над 100 сопственици на електричните возила на Tesla од Норвешка, поднесоа тужба во која инсистираат компанијата-производител да им врати дел од нивните пари вложени за Model S во верзија P85D. Имено, тие тврдат дека биле измамени за брзината со која забрзува седанот, објави Bloomberg.

Според Каспар Томас од правната фирма Wikborg Rein од Осло, кој ги претставува 126-те тужители во случајот, неговите клиенти бараат да бидат обештетени финансиски, но сумата засега нема да биде објавена официјално. Во рекламите, од Tesla објавија дека P85D располага со 700 КС, но на крајот во нивните автомобили се најдоа само 469 КС, па затоа моделот не забрзува според декларираните вредности, што секако е измама. Претставникот на Tesla во Норвешка, Евел Сандвол Роланд, ги отфрли обвинувањата и беше категоричен дека електромобилот одговара на апсолутно на сите барања на властите на земјата. Тестовите спроведени од американската компанија, покажале дека седанот во верзија P85D забрзува од 0 до 100 km/h за околу 3,2 секунди и стојат зад ова.

Окружниот суд на Осло ќе закаже рочиште за случајот во средината на декември, кога ќе започнат првичните сослушувања на двете страни. Во јуни оваа година Комисијата за заштита на потрошувачите на Норвешка ги испочитува претставките на петмина сопственици на истиот електромобил кои исто така се пожалија дека тој не забрзува така како што тврдат од Tesla Motors и нареди калифорниската компанија да им исплати отштета по 6.100 долари.

Самата модификација P85D беше пуштена пред 2 години, но веќе не се продава во Норвешка. Наместо неа компанијата ја нуди новата верзија P90D која е проценета на 96.700 американски долари.

Автоплус

- Реклама -