Ниту може, ниту има политичка волја Бугарија да учествува во уставните измени, велат од МНР

Процесот на уставни измени претставува внатрешно прашање на државава и обврска поврзана со пристапните преговори за членство во Европската унија, велат од македонското МНР, како одговор на изјавата на шефот на бугарската дипломатија Николај Милков дека Бугарија сака да биде вклучена и консултирана во процесот на впишување на Бугарите во македонскиот Устав.

„Се очекува Собранието да ја донесе таквата одлука, суверено и согласно долгорочните интереси на граѓаните на Северна Македонија претставени во парламентот и, во тој контекст, не постои можност ниту политичка волја за вклучување на граѓани и институции од странство, вклучително од Република Бугарија. Такво барање ниту е пристигнато, ниту е разговарано меѓу министрите Османи и Милков“, велат од МНР, додавајќи дека земјава останува посветена на продолжување на политичкиот дијалог со Бугарија „во духот на добрососедството и Договорот за пријателство“ и дека, поради тоа, се надева на што поскоро формирање на новата бугарска Влада.

Милков, пак, на брифинг со новинарите, информирајќи дека Бугарија сака да биде вклучена и консултирана во уставните измени, рече дека намерата му ја пренел на Османи и дека „малку разговарале“ на таа тема.

„Сега, колку што нам ни е познато, таму веќе се дискутираат некакви варијанти на идните текстови, кои би биле промена во Уставот. Ние би сакале да бидеме дел од тој процес, со цел тоа да се одвива без проблеми. Би сакале да се консултираме по тие прашања“, изјави Милков посочувајќи дека очекува одговор од Скопје, па додаде:

„Во оваа смисла, вчера малку разговарав со министерот Османи. Се надевам дека ќе одговорат. Ни претстојат контакти во напорите да ја намалиме напнатоста, без да им наштетиме на правата на Бугарите во Северна Македонија. Овој дијалог треба да продолжи сѐ додека има волја од нивна страна. Во таа смисла, повторно подаваме рака. Подготвени сме да разговараме и да ги разгледаме промените, што тие ги прават“, рече Милков.

- Реклама -