Јапонската компанија Nissan ја претстави модернизираната верзија на својот електричен автомобил Leaf. Ова е верзија за домашниот пазар, а за останатите пазари ќе треба да биде прикажана поинаква изведба, наскоро.
Автомобилот претрпе лесни визуелни промени и суштинска оптимизација на погонскиот систем. Изгледот на новиот модел се одликува со нови опционални LED светла во сина боја, нови фелни и три дополнителни бои – Dark Metal Gray, Brilliant White Pearl и White.
Во внатрешноста има модернизиран мултифункционален дисплеј, оптимизирана камера која дава „птичја перспектива“ над автомобилот, како и јонизатори, кои ги отстрануваат непријатните миризби и ги убиваат микробите. Покрај тоа, багажниот простор сега нуди 40 литри поголем простор, а седиштата можат да бидат покриени со кожен тапацир.
Јапонските инженери со одредени зафати успеале да ја зголемат автономијата за 10%. Освен тоа, намален е и обемот на електричниот систем за 30%, со што вкупната тежина на Nissan Leaf се редуцира за 80 килограми. Преработен е и регенеративните систем за сопирање, а благодарение на сето тоа автономијата на електричниот автомобил веќе достигнува 228 километри.
И покрај сите овие подобрувања, јапонците истакнуваат дека цената на обновениот Nissan Leaf ќе биде пониска од онаа на досегашниот модел. Таа е за 10% помала во Јапонија, а колку ќе биде тоа точно во САД и Европа ќе дозанаеме кога обновената верзија ќе стигне на овие пазари.