Ништо од Нобелова награда за Заев и Ципрас, признанието за мир го доби Етиопјанец

Македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот поранешен колега, а сега добар пријател – грчкиот експремиер Алексис Ципрас, кои беа номинирани за Нобелова награда за мир поради потпишувањето на Преспанскиот договор, остануваат без признанието. Нобеловата награда за мир за 2019-та му е доделена на премиерот на Етиопија – Абиј Ахмед Али.

Нобеловиот комитет му оддаде признание на Ахмед поради „неговите напори да постигне мир и меѓународна соработка, особено за неговата решителна иницијатива да го реши граничниот конфликт со соседната Еритреја“

Комитетот го пофали Ахмед дека на својата нација ѝ дал надеж после 20 години конфликт, објавувајќи ѝ војна на корупцијата и работејќи на поголеми права за жените во Етиопија. Комитетот признава дека има уште многу работа за да процвета демократијата во Етиопија, но смета дека Абиј направил големи исчекори во правилната насока и дека Нобеловата награда за мир ќе му помогне да продолжи и да ги истурка понатамошните демократски реформи.

„Постигнувањата на премиерот Абиј не се комплетирани. Свесни сме дека можеби е спорно дали е прерано или не… Но Комитетот верува дека сега е вистинско време да бидат препознаени и да ги охрабри“, велат од Нобеловиот комитет.

„Често велам дека ветриштата на надежта дуваат сѐ посилно низ Африка. Премиерот Абиј Ахмед е една од главните причини зошто“, пишува во соопштението генералниот секретар на Обединетите нации – Антонио Гутиереш.

„Неговата визија им помогна на Етиопија и Еритреја да постигнат историско воспостување на хармонични односи и јас бев почестен лани да бидам сведок на потпишувањето на мировниот договор.

Оваа пресвртна точка отвори нови можности за безбедност и стабилност во регионот, а лидерството на премиерот Ахмед постави прекрасен пример за другите во и надвор од Африка кои треба да го надминат отпорот од минатото и на прво место да го постават доброто на народот“, пишува Гутиереш.

- Реклама -