Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху денеска ги обвини „сојузниците на Иран“ дека се обиделе да го убијат него и сопругата откако дрон ја погоди неговата приватна резиденција во централниот дел на земјата.
– Иранските сојузници денеска се обидоа да ме убијат мене и мојата сопруга, направија грешка за која ќе зажалат. Им кажувам на Иранците и нивните партнери од оската на злото дека секој што ќе им наштети на граѓаните на државата Израел за тоа ќе плати висока цена, посочи Нетанјаху.
И шефот на израелската дипломатија, Израел Кац истакна дека со денешниот напад врз резиденцијата на Нетанјаху, Иран го покажал правото лице.
– Сојузниците на Иран, кои денеска се обидоа да го убијат премиерот Бенјамин Нетанјаху и неговото семејство уште еднаш го покажаа вистинското лице на Иран и оската на злото што тој ја води, посочи Кац.
Дрон лансиран од Либан денеска ја погоди резиденцијата на Нетанјаху во израелскиот град Цезареја. Во инцидентот никој не е повреден.