Нешта што треба да ги знаете: Има ли всушност разлика помеѓу женските и машките бричеви ?

Производителите на препарати за бричење, паралелно продаваат машки и женски верзии од нивните продукти, со тоа што производите за жени чинат забележливо повеќе. Па, има ли воопшто разлика меѓу „родовите“ верзии или се е тоа само маркетинг трик?

Да започнеме со жилетите. Вистината е дека во речиси сите случаи, сечилата на бричевите за мажи и за жени воопшто не се разликуваат, со исклучок на потенцијалната разлика од еден до друг производител. До сега, ниту еден бренд нема излезено со тврдења дека користат различно дизајнирани сечила за нивните „родови“ продукти. Напротив, компаниите не се срамат да го признаат истото. На пример, пред неколку години, на една прес-конференција, Gillette отворено кажа дека и двете верзии на нивните жилети се направени со идентична „технологија на сечилата“.

shaving-cream-5

Сепак, цената на женските бричеви е речиси секогаш повисока. Па, за што всушност плаќате?

Основната разлика е во тоа што жените најчесто користат бричеви за третман на многу поширока површина, дури и до 18 пати (како што се проценува), отколку мажите. Заради овој факт, многу од бричевите за жени се направени со поголеми и позаоблени „глави“. Дизајнот на оваа екстра површина околу сечилата често вклучува некаков вид на „водич“ кој помага во бричењето на долги, фини влакна во природна позиција, кои инаку би биле потешко дофатливи за сечилото. Ова се прави затоа што многу од жените, особено во зима, ги оставаат влакната на нивните нозе подолго да растат, помеѓу две бричења. Исто така, оваа дополнителна површина на бричот е дизајнирана да го редуцира ризикот од исекотини при брзото бричење, какво што се бричењето на поголеми површини на кожата.

Од друга страна, главите на машките бричеви се помали и се дизајнирани за попрецизно кратење на влакната. Дури и сечилата се сместени на помал простор. Тоа овозможува полесно сечење на подебелите влакна, типични за машкото лице (за разлика од оние на женските нозе), но и потемелно кратење, речиси до самата кожа. Како резултат, при употреба на машки бричеви, оној што ги користи треба да биде малку повнимателен, затоа што ризикот од исекотини е поголем.

Понатаму, разликата се состои и во тоа што сечилата на машките бричеви стојат под позакосен агол, а има и значајни разлики во контурите и формата на рачката на бричот. Разликата во аглите и во формата им овозможува на жените подобро да гледаат што всушност бричат (на пример, гледајќи надолу кон своите нозе), за разлика од мажите кои гледаат директно во огледало.

 

А, што е со пените за бричење?

За разлика од бричевите, кои се доста слични, но сепак се разликуваат, пените и кремите за бричење се речиси секогаш идентични, со исклучок на мирисот и цената. Основните состојки се исти и кај двете верзии, а најголемата разлика е во пакувањето, зависно од тоа која е таргет групата за производот.

Woman is shaving legs in the bathtub

Зошто жените плаќаат повеќе?

Ова е добра тема за дебата. Во 2009-тата, Consumer Reports ги праша различните производители за причината за постоењето на толку голема разлика во цените на продуктите за жени, во однос на оние за мажи. Иако одговорите на компаниите не беа задоволителни, доволно откриваат (сокриваат) за да можеме да извлечеме заклучок.

На пример, од Nivea, чии продукти за жени се за 27% поскапи од истите тие продукти за мажи, тврдат дека женските верзии содржат „skin-sensation“ технологија, која наводно е специјализирана за чувствителна кожа. Чудно, но каква и да е таа технологија, ја нема во листата на состојки на пакувањето од производот.

Д-р. Кристина Ванусхајзе, од центарот за иновација на Gillette, има поинаков одговор: „Еластомерните материјали на фатот на рачката, лежиштата за прстите и начинот на кој жените го држат бричот се различни и покомплицирани, поопфатни. Важно е бричот да биде ергономичен за употреба, бидејќи жените, типично, се бричат претежно во влажна средина и за нив, бричењето може да биде како акробација, обидувајќи се да ги дофатат зглобовите, задната страна на нозете, колената итн. Ние сакаме рачката да има добра контрола за таа да може да ја манипулира во нејзините раце“. Иако во ова објаснување можеме да најдеме потврда за разликата меѓу машкиот и женскиот брич, тешко дека ќе најдеме оправдување за толку големата разлика во цените, поради толку мала разлика во дизајнот.

Во отсуство на транспарентен одговор од производителите, можеби најдоброто објаснување го имаат од Psychology Today. Тие сметаат дека поради големиот општествен притисок врз жените да изгледаат добро и средено, тие едноставно се подготвени да платат повеќе. Со тоа што компаниите прават производите за жени да изгледаат супериорни во однос на истите производи за мажи, без оглед на тоа дали е навистина така, тие едноставно се  потпираат на горенаведената претпоставка и ја експлоатираат оваа женска слабост за поголем профит, особено знаејќи дека најголем дел од жените би платиле и многу повеќе, со надеж дека го купиле „најдоброто“.

 

Па, драги дами, сеуште сметате дека мирисот на цвеќе на пената за бричење е вреден за да ја платите 27% поскапо?

- Реклама -