Океј, сите знаеме како се одвива еден просечен православен христијански погреб – живите се во црно и плачат (некои глумат), мртвиот со блед лик мирно лежи во затворениот ковчег, ковчегот се носи до гробот, се закопува и после сите одат на семеен ручек и на понекоја ракија, каде што ќе ги слушаат глупите шеги на некој чичко/вујко/стрико (битно да е маж роднината). Не и овој пат во Грција.
Во грчкиот град Ламија, на околу два часа возење северно од Атина, почина тамошниот владика Тавмакос Калиникос, бог да го прости. За утеха, владикава си дочека да наполни 91 година и да доживее длабока старост, ама па си дочека и да го шетаат како во „Викенд со Барни“ (хинт: оној филмот со типот со стрела низ главата што шета кога свири музика), и тоа од црквата Свети Спиридон – до манастирот Света Анастасија, каде е погребан стоејќи.
Но, процесијава всушност е во склад со упатствата на Правата грчка црква на православните христијани, која ги следи принципите на постарите свештеници кои му претходеле на Тавмакос. Сепак, ова не е вообичаена процедура во Грција, па последните неколку денови грчкиот интернет простор е преплавен со мемиња инспирирани од погребот на владиката.
Правата грчка црква им припаѓа на оние кои го следат „стариот календар“ т.е. јулијанскиот, кој доцни 13 дена зад грегоријанскиот – кој е прифатен во повеќето христијански земји. Не знаеме како тоа има врска со парадирање по улиците со мртов свештеник облечен во свечена мантија и седнат на трон, ама хеј, секоја религија си има свои мали чудности, нели?